Хонг Конг објави вонредна состојба за јавното здравје по првиот потврден случај на свински грип на територијата.
Тамошните здравствени лица ветија примена на „драконски“ мерки за спречување на ширењето на вирусот.
Дваесет и петгодишниот турист од Мексико кој допатувал во Хонг Конг преку Шангај е првиот случај на заболен од свински грип на територијата.
Лицето се почуствувало болно неколку часа откако пристигнало во Шангај и веднаш побарало помош во најблиската болница, каде лекарите се посомневале дека има свински грип и веднаш го изолирале пациентот.
Првиот случај на свински грип беше потврден во осум часот навечер по локално време. За половина час, лидерот на Хонг Конг Доналд Цанг го крена нивото на претпазливост од пандемија од серизна на вонредна состојба.
Јорк Чо, секретар за здравство, вели дека хотелот Метропарк во кој отседнал туристот е затворен. Вработените и гостите се ставени во карантин за следните седум дена. Полицајци и здравствени официјални лица се распоредени во хотелот, лоциран во кварт каде наоѓаат ноќните клубови. Пријателите на мексиканскиот турист исто така се држат во карантин:
„Затоа што ова е прв случај на свински грип, мора да бидеме внимателни, бидејќи шансата за контролирање и задржување на заразата е ограничена. Се обидуваме да бидеме подраконски во спроведувањето на политиката. Се уште не знаеме колку е опасен овој вирус и не сакаме да се прошири во нашата заедница, како што не сакаме и да се прошири надвор од Хонг Конг“, изјави Јорк Чо.
Здравствените работници се уште ги проверуваат гостите по хотелите и близу 200 патници од истиот лет од Шангај меѓу кои бил мексиканскиот турист.
Чо најави дека ќе бидат преземени дополнителни мерки следните денови, почнувајќи со уште поголеми гранични контроли.
Во 2003-та, Хонг Конг беше погоден од САРС од кој починаа 299 лица и вирусот рапидно се прошири во неколку држави. Владата беше критикувана за слаб и бавен одговор на кризата, која буквално ги замре економските активности во градот.
Денес Хонг Конг е подготвен за свинскиот грип. Во Има резерви на 20 милиони дози лекови Тамифлу, што е речиси три пати повеќе од популацијата која брои седум милиони жители.
Здравствените власти во Азија ги активираа плановите за пандемија откако Светската здравствена организација го крена нивото на глобална претпазливост на второ највисоко ниво, предупредувајќи на „иминентна пандемија“.