Линкови за пристапност

Ал-Каида и натаму најголема терористичка закана за САД


Ал-Каида останува најголема терористичка закана за САД, се наведува во годишниот извештај на американскиот Стејт департмент за тероризмот во светот.

Американската влада оценува дека Ал-Каида повторно воспоставила дел од својот оперативен капацитет од времето пред нападите на 11-ти септември и дека поради тоа претставува најголема терористичка опасност за САД и соузниците. Ал-Каида и нејзините сојузници по нападите врз САД во 2001-ва преминале од Авганистан во зафрлени подрачја на Пакистан, кои ги користат како засолниште и место за обука на терористи, стои во извештајот. Токму од тоа место Ал-Каида комуницира со следбениците, планира напади и испраќа борци што го поддржуваат бунтовништвото во Авганистан, тврди Стејт департментот. Американската влада наведува и дека Талебан и други бунтовнички групи контролираат делови на Авганистан и Пакистан, со што се закануваат на стабилноста во регионот.

За официјален Вашингтон, Иран и натаму е „најзначајната" држава-спонзор на тероризмот во светот преку своите сили Кудс кои во 2008-ма продолжиле да обезбедуваат оружје, обука и финансии за либански Хезболах, а со цел да ја поткопаат либанската влада и да ја зајакнат кампањата против Израел. Иранските сили давале поддршка и на ирачките милитантни групи кои целат на американските, ирачките и коалиционите сили, а префрлиле и оружје за Талебан во Авганистан, со тоа зголемувајќи ја заканата против авганистанските и НАТО-силите во таа земја, се наведува во извештајот.

Покрај Иран, на листата држави- спонзори на тероризмот се и Куба, Судан и Сирија. Северна Кореја беше отстранета од неа минатиот октомври.

Во делот посветен на Македонија стои дека владата продолжува со координација со САД на контратерористички прашања, како размена на разузнавачки информации за потенцијални терористички групи кои оперираат или минуваат низ земјата.

Македонија преку редовни годинишни инвентари пружила адекватна безбедност на оружјето до кое вообичаено се обидуваат да дојдат терористите, а работела и на подобрување на безбедноста на објектите за негово производство и складирање.

Стејт департментот наведува дека македонското Министерство за одбрана дало поддршка на Министерството за внатрешни работи во акциите против домашни и регионални терористички групи.

Вашингтон го истакнува и фактот дека Македонија усвоила легислативи за нуклеарна безбедност и контратероризам, хемиско оружје и дека е вклучена во билатерални аранжмани за борба против криминалот, безбедноста и испорачување на претстапници. Во извештајот се споменува и учеството на Македонија во мисиите во Ирак и Авганистан, како и дека македонската влада обучила неколку стотини полицајци и војници за контратерористичките техники, технологии и методи. Македонија и натаму директно соработува во спречување на финансирање на терористи и перење на парите, стои во извештајот на Стејт департментот.

XS
SM
MD
LG