Линкови за пристапност

Крајслер оди во банкротство


Новинските извештаи велат дека американскиот автомобилски производител Крајслер ќе пријави банкротство откако американскиот Оддел за финансии не постигна договор за намалување на долгот на компанијата спрема заемодавачите.

Разговорите пропаднаа доцна во средата откако повеќе од 40 инвестициони фондови ја одбија понудата на Одделот за финансии за подмирување на долгот на Крајслер во висина од 6,9 милијарди долари, во замена за готовина од 2,25 милијарди.

Администрацијата на Обама на Крајслер му даде рок до полноќ да го намали својот долг и да формира партнерство со италијанскиот автопроизводител Фиат за да добие шест милијарди долари федерална помош. Крајслер веќе прими четири милијарди итна помош во заеми од Вашингтон.

Администрацијата го постави рокот по отфрлањето на претходниот план на Крајслер за реструктуирање поднесен минатиот месец.

Иако разговорите пропаднаа меѓу Одделот за финансии и заемодавачите на Крајслер, американскиот автомобилски производител наводно се ближи до постигнување договор со Фиат, за формирање партнерство. Доколку Крајслер пријави банкротство, а Крајслер-Фиат сојузот биде формиран, сегашниот извршен директор на Крајслер, Роберт Нардели, ќе мора да си даде оставка.

Во средата навечер членовите на синдикатот на автопроизводителите одобрија ревидиран договор со Крајслер што на синдикатот ќе му даде 55 процентен удел во автопроизводителот. Со тоа би се платила здравствената заштита за пензионираните синдикалци.

Крајслер веќе постигна договор за намалување на работните трошоци со членови на синдикатот на нивните канадски објекти.


На прес конференција во Белата куќа во средата навечер претседателот Барак Обама кажа дека верува, сега повеќе отколку минатиот месец, дека Крајслер ќе остане во бизнис.

XS
SM
MD
LG