Линкови за пристапност

Интервју со д-р Марија Кишман, шеф на Канцеларијата на СЗО во Македонија


Глас на Америка на македонски: Каква е оценката на Светската здравствена организација за подготвеноста на Македонија да се соочи со опасноста од ширење на свинскиот грип?

Кишман: Со Македонија веќе подолго време соработуваме на изготвување на индивидуални планови за здравствените институции, меѓутоа и на севкупно ниво, во однос на подготвеноста за вонредни состојби, вклучувајќи ја и пандемиската состојба. Сметам дека институциите на системот во овој момент ги имаат на располагање неопходните механизми, како во поглед на човечки ресурси и сметсување, така и во однос на лабораториска опрема за да одговорат на првиот можен бран на соодветна идентификација на потенцијални случаи што би се јавиле во државата. Меѓутоа, ниту една држава во светот не можеме кажеме дека е максимално подготвена, ниту пак соодветно опремена за да може да одговори на една пандемија, што, по дефиниција, значи проширување на инфекција во светски размери.

Глас на Америка на македонски: Кои се препораките на СЗО за една држава како Македонија за следните чекори во подготовките за спротивставување на евентуалната пандемија?

Кишман: Генералниот директор на СЗО д-р Марагарет Чанг вчера ја пренесе информацијата за државите-членки на СЗО, прогласувајќи ја петтата фаза на подготовка за пандемиска состојба, повикувајќи ги државите - да одговорам директно на Вашето прашање - вклучително и Република Македонија, да ги активираат своите планови за вонредна состојба во однос на подготовка за пандемиска инфлуенца. Со тоа, ова е последната фаза што следи пред шестата фаза на појава на пандемија во светски рамки и значи соодветно забрзување на државните капацитети за - доколку се случи шестата фаза - соодветно да реагираат.

Глас на Америка на македонски: Колку граѓаните на Македонија реално треба да бидат загрижени за својата сигурност?

Кишман: На вашето прашање - дали граѓаните на Република Македонија треба да бидат вознемирени - се разбира - не. Меѓутоа, треба да бидат подготвени од гледна точка на самозаштита, бидејќи тоа што го прави саматата држава, како и меѓународните институции не е доволно доколку самите луѓе не преземаат соодветни чекори за заштита на своето здравје во конкретниот случај. Значи, се препорачува избегнување на места каде има голема концентрација на луѓе; доколку се болни - да седат дома; доколку се болни нивните деца - тие да останат дома; доколку се јават знаци на болеста во смисла на висока, покачена телесна температура, кашлица, кивање и болки во телото - да побараат лекарска помош и соодветно да ги следат упатствата од здравствените кадри.

XS
SM
MD
LG