Линкови за пристапност

Обама: Владата „е на добар почеток“ во првите 100 дена


Одбележувајќи го 100-от ден од преземањето на Белата куќа, американскиот претседател Барак Обама кажа дека неговата администрација „е на добар почеток“, но тој се` уште не е задоволен затоа што Американците имаат економски проблеми.

За време на прес-конференција доцна во средата по американско време, Обама рече дека милиони Американци се` уште се без работа и дом, како и дека нов број од нив ќе ги загуби работните места пред земјата да излезе од рецесија.

Обама кажа и дека неговата администрација внимателно го следи најновиот развој на настаните со појавата на вирусот на свински грип и оцени дека се работи за мошне сериозна ситуација.

Тој подвлече дека владата презема мерки на предострожност и е подготвена за ситуацијата.

Според американскиот претседател, училиштата со потврдени или осомничени случаи на грип треба да размислат за прекин на наставата. Обама побарал 1, 5 милијарди долари од Конгресот за справување со вонредната состојба.

Постои причина за голема загриженост, но не и за паника, рече Обама, кој бил советуван дека не е време да се затвори американската граница со Мексико, каде и изби заразата. Па, сепак, САД ја зајакнале контролата и претседателот рече дека е во постојана консултација со здравствени лица, како и дека федералните власти прават се` што е во нивна можност да идентификуваат нови случаи и да одвојат соодветни средства.

За надворешната политика, Обама рече дека во првите 100 дена од мандатот презел мерки за ставање крај на војната во Ирак и затворање на контроверзниот притворен центар во Гвантанамо.

Осврнувајќи се на мерките за спас на автоиндустријата, Обама изрази надеж дека ќе се најде решение што ќе му овозможи на Крајслер да остане конкурентна компанија, иако деталите од планот се` уште не се финализирани. Администрацијата му даде на Крајслер рок до четврток драстично да ги скрати трошоците и да влезе во партнерство со италијанскиот автогигант Фиат, или да ја загуби натамошната владина финансиска поддршка.

Претседателот Обама зацрта амбициозна агенда откако стана првиот претседател со афроамериканско потекло во историјата на САД. Под негова иницијатива, Конгресот усвои пакет за економско стимулирање во висина од 787 милијарди долари за заживување на финансискиот сектор.

Претседателот Обама на 100-от ден од стапувањето на функцијата има рејтинг од над 60 проценти во анкетите.

Традицијата на новинарите и историчарите да ги оценуваат првите 100 дена од влегувањето во Белата куќа трае уште од времето на Френклин Рузвелт во 1933-та. Претседателот Рузвелт успеа да истурка 15-тина легислативи низ Конгресот што помогнаа на земјата да се справи со Големата депресија – најголемата економска криза во американската историја.

XS
SM
MD
LG