Додека здравствените лица ширум
светот се обидуваат да го спречат ширењето на свинскиот грип, научниците
интензивно работат на изнаоѓање на вакцина за овој нов вид на вирус.
Биологот Ендрју Пекоз од Универзитетот
Џон Хопкинс, вели дека малку е познато за вирусот Ха-1-Ен-1, што од Мексико се
прошири во неколку други земји. Брзината
со која овој грип се пренесува од земја во земја, предизвика загриженост дека
болеста може да прерасне во меѓународна пандемија.
Вирусот е од типот А на вируси
на грип, а симптомите се блага до тешка инфекција на органите за дишење, која
доколку е сериозна може да предизвика смрт.
Вирусот се пренесува лесно од човек на човек.
Пекоз додава дека никој не е
имун на овој вирус, кој содржи делови од генетски материјал од свињи, луѓе и
птици.
„Ова е нов вирус и се` уште не
сме сигурни за неговиот биолошки состав.
Кога станува збор за грип, документирано е дека различни видови на
вируси имаат различна способност да предизвикаат заболување кај животните и кај
луѓето. Во моментов, добиваме помешани
знаци за способноста на овој вирус за предизвика заболување", изјави Пекоз.
„Сепак, добрата вест е што
молекуларната анализа на свинскиот вирус покажува оти се работи за ист патоген
низ целиот свет", вели Кети Њузал од „PATH", меѓународна непрофитна
организација што промовира развивање на вакцини.
Њузал додава дека поради тоа
што се чини дека вирусот на свинскиот грип не мутира, би требало да биде
полесно да се направи вакцина.
Таа вели дека Американските
центри за контрола на болести започнале да подготвуваат примероци од овој вирус
што може да се испратат до фармацевските компании за изработка на вакцина.
Експертите додаваат дека сега
предизвикот ќе биде дистрибуцијата на вакцината против свинскиот грип.
Со оглед на тоа што регуларните
вакцини против грип не се ефикасни против вирусот Ха-1-Ен-1, Ендрју Пекоз од
Универзитетот Џон Хопкингс, вели дека надлежните треба да одлучат дали
вакцинацијата ќе биде инкорпорирана во веќе постоечката или да биде посебна.