Линкови за пристапност

Во САД падна првата жртва на свинскиот грип


По веста дека во САД е забележан првиот смртен случај од свински грип, претседателот Барак Обама изјави дека владата чини се` што е во нејзина можност да спречи негово избивање. Тој рече дека земјата презема крајни мерки на предострожност и дека ја следи ситуацијата. Претседателот ги повика здравствените власти да бидат ажурни во потврдувањето на случаите за кои постои сомневање дека се свински грип и кажа дека училиштата каде тие се појавиле треба да размислат за прекин на наставата доколку се влоши ситуацијата.

Здравствените власти објавија дека првата жртва на свинскиот грип во САД е 23-месечно дете во сојузната држава Тексас, која се граничи со Мексико, каде и изби грипот. Според тексашките власти, детето било од Мексико и допатувало во Тексас во посета на роднини.

Според американскиот Центар за контрола и спречување на болести, во САД има најмалку 91 заразено лице во вкупно 10 сојузни држави.

Властите во Њујорк соопштија дека во тамошно католичко училиште избила зараза и дека покрај десетиците заболени ученици кои неодамна се вратиле од екскурзија во Мексико, можно е таа да се проширила и надвор од училиштето. Случаи на заболени се потврдени уште во најмалку две училишта во Њујорк. Сојузната држава Калифорнија, која се граничи со Мексико, потврди 11 случаи и објави вонредна здравствена состојба.

САД веќе објавија вонредна здравствена состојба на национално ниво, со цел да префлат федерални средства и залихи на лекови во раце на сојузните држави. Секретарката за здравство и здравствени услуги Катлин Сибелиус соопшти дека федералната влада има 50 милиони дози на антивирусните лекарства Тамифлу и Реленца што веќе започнала да ги испорачува до сојузните држави. Според Сибелиус, властите очекуваат нови заразени лица и смртни случаи.

Претседателот Обама бара Конгресот да обезбеди 1,5 милијарди долари за борба против болеста.

Во Мексико, бројот на смртни случаи за кои се смета дека се резултат на свински грип се накачи на 159. Министерот за здравство Хозе Кордова вчера изјави дека постојат 26 потврдени случаи на грипот, од кои седум починале, а 1,300 лица со негови симптоми и натаму се во болница.

Претставници на СЗО наведуваат дека се мошне блиску да го кренат нивото на тревога за пандемија на степен пет, според скалата од 1 до 6 на која 6 е најопасниот степен. СЗО во средата направи преглед и проценка на моделите на пренесување вирусот.

Германија и Австрија во средата ги потврдија своите први случаи на свински грип, со што бројот на земји каде има заболени се зголеми на 10. Потврдени случаи има и во Британија, Канада, Костарика, Израел, Шпанија и Нов Зеланд. Австралија, Франција, Данска и Јужна Кореја испитуваат потенцијални случаи.

САД, Британија и Иран ги советуваат своите граѓани да не патуваат во Мексико доколку нема голема потреба за тоа.

На сенатски распит во средата, секретарката за домашна безбедност Џенет Наполитано ги отфрли наводите дека САД ќе затворат делови на границата со Мексико. Наполитано рече дека затворањето би имало маргинална корист за ограничување на вирусот во САД.

XS
SM
MD
LG