Линкови за пристапност

Северна Кореја бара извинување од ОН


Северна Корејанајави и втор нуклеарен тест, доколку ОН не се „извинат“ за неодамнешната осуда на лансирањето на проектилот со долг домет од страна на оваа земја.

Севернокорејското Министерство за надворешни работи вели дека ќе биде „присилено да преземе дополнителни одбрамбени мерки“, доколку Советот за безбедност на ОН не одговори на барањата на Пјонгјанг и понуди извинување.Меѓу тие мерки во соопштението се наведува и тестирање на нуклеарни експлозиви и интерконтинентални балистички проектили.

Месецов Советот за безбедност на ОН издаде соопштение во кое го осуди лансирањето на проектилот со долг домет од страна на Северна Кореја. Повеќе земји на овој чекор гледаа како на тест на одбрамбената способност на Северот.

Северна Кореја тврди дека лансираниот проектил всушност бил носач на комуникациски сателит наменет за мирнодопски цели.Во денешното соопштение на Северна Кореја, акцијата на ОН се опишува како „илегална провокација.“

Ким Таеву од Корејскиот институт за одбрамбена анализа, е експерт за нуклеарните и ракетни програми на Северна Кореја.Тој верува дека заканите служат за поставување основа за втор нуклеарен тест од страна на оваа земја.

Таеву додава дека Северна Кореја веројатно смета дека нуклеарниот тест од 2006, како и лансирањето на проектилот со долг домет од пред неколку недели, не претставуваат доволен доказ за одбрамбениот потенцијал на оваа земја пред светот.Овој експерт уште вели дека тој факт во комбинација со научната мотивација за тестирање на нуклеарен експлозивен материјал од страна на Северна Кореја значи дека Пјонгјанг веројатно ќе изведе уште еден нуклеарен тест.

Таеву изјави дека не постои речиси никаква веројатност оти Советот за безбедност на ОН ќе и` се извини на Северна Кореја за осудата на нејзината акција, а тоа Северот ќе го искористи како оправданост за да го изведе тестот.

Џун Бонг, генерален секретар на Институтот за односи со јавноста и национална безбедност со седиште во Сеул, вели дека Северна Кореја дава вакви предупредувања за да ја крене својата позиција во однос на Вашингтон.

Бонг додава дека Северна Кореја не само што очекува директни разговори со САД, туку и одредена форма на отстапки. Тој вели дека Пјонгјанг ќе очекува реакција на неговите закани од некој на повисоко ниво, како претседателот или државниот секретар.

XS
SM
MD
LG