Американскиот претседател Барак
Обама вели дека владата прави се што може да го држи свинскиот грип под
контрола – по првиот потврден смртен случај во САД.
Обама во Белата куќа кажа дека
САД преземаат најголеми мерки на претпазливост за справување со болеста, и дека внимателно ја следат
ситуација. Тој ги поттикна здравствените власти да обрнат посебно внимание на
идентификување на осомничени случаи и додаде дека училиштата со осомничени
случаи би требало да земат предвид
затворање доколку ситуацијата стане
посериозна.
Порано во среда, доктор Ричард
Бесер, вршител на должност директор на американскиот Центар за контрола и
превенција на болести, потврди за СиЕнЕн дека првата американска жртва на вирусот е 23-месечно
дете во Тексас, сојузна држава што се граничи со Мексико.
Во Мексико, бројот на
осомничени смртни случаи сега е 159. Мексиканскиот претставник на
здравството Хозе Кордова на новинарите доцна во вторник им кажа дека има 26 потврдени случаи на свински грип,
вклучувајќи и седум смртни случаи. Тој рече дека над 1.300 лица со симптоми на
вирусот остануваат хоспитализирани.
Бројот на болни во САД порасна на 65. Потврдено е дека покрај училиштето каде болеста
најпрвин се појави, сега има случаи и во две други училишта во Њујорк, чии
ученици неодамна се вратиле од патување во Мексико.