Линкови за пристапност

Обама начна многу прашања во првите 100 дена од мандатот


На 29-ти април се навршуваат 100 дена откако претседателот Барак Обама ја презема функцијата. Во овој период, Обама се справи со разни прашања – презема мерки за излез од глобалната економска криза, го смени американскиот пристап кон војните во Ирак и во Авганистан, ја модифицраше политиката на испрашување и држење притвореници и работеше на подобрување на американските односи со остатокот од светот.

Во контекст на предизборното мото - „Промена", Обама преиначи голем број политички одлуки на својот претходник Џорџ Буш, уште во првите неколку недели.

Со приот указ како претседател, Обама се заложи дека ќе го затвори контроверзниот американски притворен центар Гвантанамо на Куба во рок од една година.

За ирачката војна, претседателот постави рок до 10-ти август 2010-та повеќето од војниците да се вратат во САД.

Тој најави нова стратегија за Ирак и Авганистан, ветувајќи поголем број американски војници за обука на авганистанските безбедносни сили.

Во време на голем пад на пазарот за домување и кредитната индустрија, Обама побара од Конгресот милијарди долари за спасување на банкарскиот сектор. Тој успеа да издејствува усвојување на обемен пакет за стимулирање на економијата, и покрај силното републиканско противење.

На меѓународен план, Обама се обедини со други лидери во изнаоѓањето начини за обнова и регулирање на глобалниот финансиски систем. Патуваше во Европа, на Блискиот исток и во Јужна Америка, со цел да ги унапреди односите.

Обама се заложи за ширење на врските со муслиманскиот свет, понуди дијалог на Иран и Куба и се ракуваше со долгогодишниот американски критичар, венецуелскиот претседател Хуго Чавез на Сеамериканскиот самит - чекор што наиде на критики на многу опоненти на претседателот Обама.

Владиниот портпарол Роберт Гибс рече дека секогаш има простор за подобрување, но дека претседателот е задоволен со тоа што е направено досега.

Неодамнешните анкети покажуваат дека повеќето Американци го делат таквиот поглед. Според две различни истражувања, меѓу 64 и 68 проценти ја одобруваат неговата работа – 10 отсто поголем рејтинг споредено со Џорџ Буш во истиот период за време на првиот мандат.

XS
SM
MD
LG