Арлин Спектер, еден од највисоките по ранг републикански сенатори најави дека планира да ја смени политичката партија – потег што би можел да олесни предлозите на претседателот Обама полесно да бидат усвојувани во Сенатот.
Долгогодишниот републиканец од Пенсилванија со 29-годишен стаж во Сенатот кажа дека ја напушта партијата и дека ќе се кандидира за реизбор во 2010-та како демократ. Спектер рече дека се` повеќе се разидува со филозофијата на своите сопартијци, како и дека шансите за победа на републиканските прелиминарни избори не се поволни. Но, 79-годишниот сенатор подвлече дека нема да биде „60-от глас" за демократите во 100-члениот Сенат како и дека веќе планирал да гласа најмалку против еден демократски предлог-закон.
Портпарол на Белата куќа соопшти дека претседателот Обама разговарал со Спектер по телефон и му порачал дека е „воодушевен" од промената.
Спектер на прес-конференција кажа дека одлуката да се приклучи на Демократската партија била тешка, но дека морал така да постапи откако многумина републиканци гласаа против пакетот на претседателот за стимулирање на економијата. Сектер смета дека пакетот е од витално значење да се спречи рецесијата да стане депресија.
Голем број на демократи го поздравија потегот, додека републиканците изразија разочарување. Претседавачот на Републиканската партија Мајкл Стил оцени дека потегот е обид за политички опстанок, како и дека доколку поддршката на поголеми владини трошоци причинила Спектер да увиди дека е демократ – „толку подобро".
Спектер на демократите ќе им даде 59 гласови во Сенатот – еден помалку од 60-те што се потребни да се спречи блокирањето и одложувањето на донесување одлуки во ова тело од страна на опозиционите републиканци.
Демократите и републиканците се` уште се борат за едно место во Сенатот. Демократот Ал Франкен води пред републиканецот Норм Колеман во пребројувањето на гласовите од конгресните избори минатиот ноември.