Линкови за пристапност

Економистите со поделени мислења за економскиот учинок на Обама


Како што вели самиот, Барак Обама наследил неред кога ја презел Белата куќа. Од првиот ден, претседателот не само што се заложи економијата да биде прашање број 1, туку вети и дека ќе ја поправи. Што постигна Обама на економски план во првите 100 дена?

Обама ја освои Белата куќа со пораката за надеж – национален копнеж за подобри денови, во време на најлошата економска криза уште од Големата депресија.

„Почнувајќи од денес, мора повторно да се кренеме и да започнеме со обнова на Америка“, им порача Обама на сонародниците кога стана претседател.

Но, 100 дена подоцна, кога земјата се` уште пати од рецесија и се` побројна невработеност, критичарите велат дека напорите на претседателот не се осврнале на долгорочните потреби на нацијата.

„Би му дал на претседателот половичен успех во првите 100 дена, веројатно малку повеќе негативен отколку позитивен“, оценува Алан Вајард од конзервативниот Американски институт „Ентерпрајз“. Тој коментира дека со буџетот на претседателот Обама во висина од 3,5 трилиони долари, владините приходи нема да можат да одржат чекор со растечките трошоци за социјалната и здравствена заштита. Владиниот план за стимулирање на економијата, што вклучува намалување на даноците за средната класа, ќе обезбеди олеснување само на кус рок, смета Вајард.

„Таквите даночни олеснувања создаваат претстава дека се подобрува ситуацијата на даночните обврзници, бидејки добиваат пари денес, но од каде доаѓаат тие пари? За тоа ќе треба да се надомести од идните даноци, или од истите даночни обврзници денес, или од нивните деца утре“, коментира Вајард.

Но, поддржувачите на претседателот велат дека проблемите со кои се соочува земјата бараат итни решенија. Некои велат дека е прерано да се процени дали ќе успее економската политика на Обама.

Аналитичарот Џошуа Пикер од Центарот за американски напредок е убеден дека претседателот е на вистински пат.

„Има извесно подобрување во податоците за продажба на мало и потрошувачката. Охрабруваат и новите вести од пазарот на домување, но пред нас е долг пат“, вели Пикер.

Иако признава дека политиката на претседателот не е совршена, Пикер стои учинокот на Обама на економски план – и дома и во странство, на Американците им дава нешто конкретно и итно потребно: оптимизам.

„Претседателот направи исклучително добра работа уважувајќи ги проблемите со кои се соочуваме. Времето ќе каже дали мерките ќе се покажат онолку ефикасни колку што посакуваше, но јас сум голем оптимист“, вели Пикер.

По сто дена од стапувањето на Обама на функцијата, тоа е оптимизам ублажен од реалноста.

XS
SM
MD
LG