Линкови за пристапност

Американски претставници предвидуваат растеж на бројот на заболените


Владата на претседателот Барак Обама очекува да се појават нови случаи на свински грип во повеќе сојузни држави, но засега не планира да ја затвори границата со Мексико, каде и изби заразата. Бројот на потврдени случаи во САД во вторникот нарасна на 64.

Само еден ден откако во понеделникот претседателот Обама кажа дека ширењето на свинскиот грип во САД е причина за загриженост, но не и за аларм, секретарката за домашна безбедност Џенет Наполитано прогнозираше дека ќе продолжи да расте бројот на Американци заразени од вирусот.

„Предвидуваме дека во наредните денови ќе има потврдени случаи на заразени од свински грип во повеќе сојузни држави. Мора да се фокусираме на подготовеноста, а не на стравувањата", кажа Наполитано.

Во Мексико од свински грип досега починаа над 150 лица, а поголемиот дел на регистрирани случаи во другите земји се должи на лица кои неодамна го посетиле Мексико.

Американската влада ги повика своите граѓани да не патуваат во Мексико доколку нема голема потреба, меѓутоа секретарката Наполитано кажа дека САД засега не планираат да ја затворат границата со Мексико, долга 3.000 километри, низ која дневно минуваат стотици илјади луѓе.

„Такво нешто секогаш може да биде земено предвид, но треба да го согледаме и економскиот аспект. Буквално илјадници камиони со стока минуваат низ границата", рече Наполитано.

Секретарката за домашна безбедност повика секој со симптоми на грип да остане дома и ги повтори основните мерки на предострожност како што е честото миење на рацете.

XS
SM
MD
LG