Стручњаци наведуваат дека американскиот претседател Барак Обама успеал да го смени барем тонот на надворешната политика, иако допрва треба да уследат опипливи достигнувања. Каква беше американската надворешна политика во првите 100 дена на новата влада?
Обама можеби го повлече најсмелиот надворешнополитички потег уште пред инаугурацијата, кога го номинираше својот поранешен партиски ривал за претседателските избори Хилари Клинтон за државен секретар, и покрај тоа што за време на кампањата разменија жестоки зборови за надворешната политика. Кога Обама ја осигура претседателската номинација, тие ги оставија разликите зад себе и започнаа заедно да се појавуваат на предизборните митинзи.
„Таа е одлична, тоа сакам да го подвлечам", рече Обама за Хилари на митинг во Њу Хемпшир.
Хилари возврати во ист стил: „Знам дека ќе биде врховен командант кој нема да се двоуми дали да користи сила кога има потреба, но никогаш нема да се откаже од дипломатијата – кога тоа е можно".
Клинтон без проблеми беше потврдена на функцијата во Сенатот, најавувајќи дека новата влада нема да има толку конфротирачки пристап во надворешната политика како претходната.
„Мора да користиме таканаречена `мудра сила`: цел обем на средства на располагање – дипломатски, економски, политички, армиски, правни и културолошки", рече Хилари на сведочењето за нејзината номинација.
Обама назначи двајца специјални пратеници за глобалните „жешки" точки: за Пакистан и Авганистан го именуваше поранешниот преговарач за Балканот Ричард Холбрук, а за арапско-израелскиот конфликт го назначи поранешниот сенатор Џорџ Мичел.
„Не ја потценувам тежината на оваа задача. Ситуацијата на Блискиот исток е експлозивна, комплексна и опасна", рече Мичел по повод номинацијата.
Искусниот дипломат Стивен Босворт, пак, стана задолжен за Северна Кореја и нејзината нуклеарна програма. Иако добредојден во Сеул, Босфорт наиде на затворена врата кај Пјонгјанг – Северна Кореја ја отфрли неговата понудата за посета. Неколку недели подоцна, земјата се оглуши на предупредувањата од меѓународната заедница и тестираше проектил од долг домет, по што се повлече од преговорите за својата нуклеарна програма.
Обама предизвика голема критика од републикански редови поради тоа што понуди дијалог со Иран и Куба, како и поради пријателското ракување на Сеамериканскиот самит со венецуелскиот претседател Хуго Чавез.
„Би можело да се случи сценарио слично на кубанската ракетна криза, во кое Иран би ја користел Венецуела како влезна точка во нашата хемисфера", рече конгресменот Кони Мек на неодамнешен распит.
Но, Даниел Хамилтон од Универзитетот Џон Хопкинс ги поздравува потезите на Обама и смета дека тие се обид за репозиционирање на САД како веродостоен глобален партнер.
„Кога се обидувате да допрете до непријателите дури и кога не се согласувате со нив, барем може да разговарате за разликите - тоа е пораката во првите 100 дена", коментира Хамилтон.
Аналитичарите ги поздравија напорите на Обама за подобрување на односите со Русија и Кина. Па сепак, Мајкл О` Ханлон од Институтот Брукингс во Вашингтон смета дека е прерарно дали тоа ќе резултира во диломатски придобивки и препорачува „да се сочува аплаузот се` додека конкретно не биде решене некој од проблемите". Хамилтон додава и дека сега не би го оценувал надворешнополитичкиот учинок на Обама, туку дека е многу подобро тоа да се стори по една и пол година мината во Белата куќа.