Американскиот секретар за одбрана Роберт Гејтс ја изрази својата поддршка за одлуката на претседателот Обама да ги обелодени меморандумите од претходната администрација со кои се дозволувало употреба на сурови техники на испрашување врз лица осомничени за тероризам.
Гејтс поголемиот дел од својата карира го минал во Централната разузнавачка агенција и своевремено бил нејзин директор. Тој рече „да се преправаме дека сево ова може да се зачува во тајност“ е нереално. Гејст истакна дека е загрижен за потенцијалната реакција, но додаде дека САД едноставно мора да „се справат со ситуацијата.“
Секретарот за одбрана ова го изјави вчера за време на посетата на воената база „Леџун“ во сојузната држава Северна Каролина.
Во меѓувреме, американскиот главен правобранител Ерик Холдер изјави дека нема да игра „криенка“ околу прашањето на меморандумите за употреба на груби техники за испрашивање дозволени од администрацијата на претседателот Буш.
Холдер за време на распитот во Претставничкиот дом рече дека актуелната влада се надева да бидат обелоденети што е можно повеќе информации поврзани со испрашувањата.
Претседателот Обама ги објави документите минатата недела, истакнувајќи дека таквите методи на испрашување го поткопуваат американскиот морален авторитет и не придонесуваат за подобрување на безбедноста. Обама подвлече дека таквите методи повеќе нема да бидат користени.
Претседателот Обама рече дека не ја поддржува идејата за поведување судски постапки против агентите на ЦИА кои ги вршеле тие испрашувања за време на претходната администрација, но сепак ја остави отворена можноста да се гонат официјалните лица вклучени во формулирањето на правното образложение за употреба на грубите техники.
Републиканците се противат на поведување судски постапки по прашањето, додека група влијателни демократи во Конгресот, се поделени.