Линкови за пристапност

Американски законодавци бараат истрага за суровите методи на испрашување


Претседателот на сенатската Комисија за правосудство вели дека дека тоа тело ќе спроведе истрага за политиката за испрашување на притвореници од страна на бушовата администрација ако нема конгресна поддршка за независна истрага по тоа прашање.

Коментарите на демократскиот сенатор Патрик Лехи се реакција на извештајот на Сенатот од средата во кој се заклучува дека воени и лица од разузнавањето се обучувани да ги користат бруталните методи на испрашување неколку месеци пред да им биде дозволено да ги применуваат.

Извештајот од сенатската Комисија за вооружените сили посочува дека официјални лица од разузнавањето и армијата почнале со подготовка за извршување екстремни техники на испрашување врз осомничени од Ал-Каида и
Талебан на почетокот од 2002-ра – неколку месеци пред
Одделот за правда да одобри користење на такви методи.

Извештајот бил комплетиран минатиот ноември, но бил на преглед во Пентагон заради декласифицирање.

Критичарите велат дека многу од бруталните методи на испрашување, вклучувајќи и симулирано давење, се еднакви на тортура.

Претседавачот со комисијата, Карл Левин, Демократ од Мичиген, вели дека извештајот покажува дека високи цивилни официјални лица барале информации, биле свесни за обуката и ги авторизирале техниките на брутално испрашување. Тој рече дека тие официјални лица имаат значителна одговорност за создавање правна и оперативна рамка за злодела врз приведени.

Во Пентагон, портпаорлот Брајан Витман вели дека истрагата на Одделот за одбрана нуди поинакви сознанија:
„Во внатрешните истраги, не пронајдовме било каква политика на нашиот Оддел која дозволила или упатила на насилен третман врз приведени. Нашата политика е да се третираат приведените на хуман начин“, вели тој.

Витман вели дека неговиот Оддел сериозно ги прима сите наводни обвинувања за злоупотреби: „Сите вероростојни обвинувања за злоупотреба кои ќе произлезат преку истрага врз поединци кои вршеле акции надвор од нашата политика, ќе бидат земени на одговорност“, вети тој.

Сенаторот Патрик Лехи, Демократ од Вермонт и претседавач со сенатската Комисија за правосудство, ги повтори повиците за натпартиска комисија да изврши истрага во екстремните методи на испрашување. Лехи вели дека ако нема доволно конгресна поддршка за таква акција, тој ќе одржи распит: „Понекогаш најдобар начин да се помрднеме напред е да ја дознаеме вистината, да дознаеме што се случило и да сториме се тоа да не се повтори во иднина“.

Претседателот Обама ја остави вратата отворена за потенцијално гонење на оние кои донеле одлуки за примена на брутални методи.

Двајца републикански сенатори, Џон Мекејн од Аризона и Линдзи Грам од Јужна Каролина, како и сенаторот Џо Либерман од Конетикат, кој себе се нарекува независен Демократ, испратија писмо до претседателот Обама во кое го повикуваат да не гони официјални лица кои понудиле правни совети за бруталните методи на испрашување приведени. Тие велат дека со такво гонење ќе се создадат негативни импликации на искреноста со која претставници на секоја администрација ќе даваат совети.

XS
SM
MD
LG