Линкови за пристапност

Клинтон:  енергична поддршка за надминување на спорот околу името


Од нуклеарната програма на Иран до безбедносната ситуација во Пакистан и Авганистан, првиот човек на американската дипломатија на неколкучасовно сведочење во Конгресот ги објаснуваше надворешнополитичките приоритети на владата на претседателот Барак Обама.

На барање на републиканскиот конгресмен Гас Билиракис од Флорида, кој е копретседавач на неформална конгресна група која се залага за прашања од грчки интерес, да го изложи владиниот став околу прашањето за името меѓу Македонија и Грција, Хилари Клинтон кажа дека САД поттикнуваат на решение.

„Енергично ги поддржуваме напорите за обострано прифатливо решение. Ја разбираме грчката чувствителност. Јас за ова разговарав со нашите НАТО-партнери, како и на моите состаноци во ЕУ. Ги поттикнавме сите страни да изнајдат решение што е прифатливо",рече Клинтон на сведочењето што го организираше Комисијата за надворешни работи на Претставничкиот дом.

За барањето за изземање на грчките граѓани од визниот режим за влез во САД, Клинтон информираше дека грчката влада се` уште работи на исполнување на некои барања и изрази надеж дека прашањето ќе биде решено. Решението на кипарското прашање, пак, според Клинтон, мора да биде такво на кое двете страни самите ќе се согласат.

Во уводното излагање Клинтон подвлече дека надворешната политика на оваа американска влада се раководи од постулатите на зајакнување на националната безбедност, ширење на американските интереси и одржување на американските вредности.

Спречувањето на Иран да дојде до нуклеарно оружје е приоритет за оваа влада, предочи Клинтон, коментирајќи дека со ангажирање на официјален Техеран на дипломатски план, САД се во подобра позиција да воспостават построги санкции, ако тоа се покаже како потребно. Клинтон предочи дека помирувачката американска политика кон Ирак не е без крај.

Официјален Вашингтон е загрижен и за ситуацијата во Пакистан. Клинтон рече дека тоа што терористите добиле на сила во оваа држава со нуклеарно оружје е „смртоносн закана", и за САД, и за светот. Главна цел на антитерористичката стратегија на претседателот Обама е да се порази Ал-Каида и да се спречи нејзино враќање во засолништа во Авганистан и Пакистан, кажа Клинтон на сведочењето.

XS
SM
MD
LG