Линкови за пристапност

Американците со заеднички став за решавање на енергетските проблеми на земјата


Ново истражување покажа дека Американците се силно заинтересирани за решавање на проблемите врзани со енергијата, но дека имаат мали познавања од таа област.

Истражувањето го направи невладината организација „Public Agenda“, која им помага на граѓаните да донесуваат одлуки по енергетските прашања, базирани на информации. Скот Битл, изврешен потпретседател во организацијата, вели дека идејата за истражувањето била да се добие впечаток за тоа што знае јавноста, кои се нејзините вредности и кој е нејзиниот став во однос на енергетската политика.

„Ова, поради фактот што енергијата не е еден единствен проблем, туку е група проблеми. Тука воедно се мисли на економскиот аспект, на цената на енергијата, како и на климатските промени и глобалното затоплување. Не смее да се изостави и енергетската безбедност и зависноста од странска нафта“, вели Битл.

Според испитувањето на јавното мислење, девет на секои 10 Американци се загрижени за цената на нафтата. Осумдесет и три проценти од испитаниците стравуваат од американската зависност од странска нафта. Сепак, вели Битл, Американците не се толку вознемирени кога станува збор за климатските промени.

„Седумдесет и еден процент од нив велат дека се загрижени за проблемот, но само 32 проценти од испитаниците се изјаснија дека тоа навистина им пречи. Тоа е за 25 поени помалку споредено со нивната загриженост за цената на нафтата“, додава овој експерт.

Битл исто така вели дека анализата покажала оти, од друга страна, Американците имаат недостиг на основни познавања за енергетските прашања.

„Четворица, на секои десет Американци не знаеја да дадат пример на едно фосилно гориво. Околу половина од испитаниците не можеа да идентификуваат барем еден извор на обновлива енергија. И иако луѓето велат дека би сакале да имаат на располагање алтернативна енергија, како би сфатиле нешто сложено како политиката на постојано намалување на испуштањето на јаглерод диоксид во атмосферата и другите штетни гасови, на најекономичен можен начин од што зависи колку ќе плаќаат и колку енергија ќе трошат?!“, истакнува Битл.

Таквата политика обезбедува економски поттици за намалување на испуштањето на штетните гасови кои придонесуваат за појава на глобално затоплување. Битл стравува дека доколку овој систем се пушти во пракса, јавноста можно е да не го разбере доволно или да не го поддржи.

Затоа, вели овој експерт, пред политичарите и медиумите се јавува голем предизвик да ја образуваат јавноста, да ја вклучат во дебатата, за таа да биде информирана за оваа политика, и да знае какво е нејзиното значење.

Аналитичарот Скот Битл заклучува дека Американците се подготвени за прогрес во однос на енергетската политика. Најновата студија дава само основа за подобро разбирање на американските вредности и познавања во рамки на дебатата за комплексните енергетски прашања со кои се соочуваат САД и светот воопшто.

XS
SM
MD
LG