Линкови за пристапност

На Денот на планетата Земја Обама претстави нов енергетски план 


Претседателот Барак Обама ги повика САД да преземат водство во развивање на извори за обновлива енергија.

Во говор по повод Денот на Земјата во сојузната американска држава Ајова, Обама рече дека неговата администрација создава прва американска програма за авторизирање на проекти за генерирање струја од ветер и океански бранови.

Тој рече дека ветрот може да покрие околу 20 проценти од барањата за струја на САД до 2030-та. Пред говорот, Обама посети постројка за производство на енергија од ветер, посочувајќи на неа како на модел за создавање работни места и производство на струја што може да ја олесни американската зависност од странска нафта.

Обама рече дека следната недела ќе има средба со лидерите од светски најразвиените економии, на која ќе дискутираат за начините за справување со глобалната енергетска и климатска криза.

Владата одржа бројни настани во Вашингтон за да го одбележи Денот на планетата Земја.

Групите за заштита на животната средина и владите ширум светот го одбележаа денот со активности за заштита на природата и зголемување на свеста за глобалното затоплување.

Првата прослава на Денот на Земјата во САД се одржа на 22-ри април во 1970-та. Дваесет милиони луѓе учествуваа во протестите ширум земјата и тој ден побараа од владата да се бори против широкораспространетото загадување.

Денеска и министрите за заштита на животната средина на Групата 8 индустриски најразвиени земји во светот, се сретнаа во Италија, каде разговараа за намалување на испуштањето на издувни гасови во атмосферата што води кон глобално затоплување.

XS
SM
MD
LG