Линкови за пристапност

Обама ќе се сретне со лидери од Блискиот исток


Американскиот претседател Барак Обама го зголемува личното учество во блиско-источниот мировен процес. Тој покани регионални лидери во Белата куќа на индивидуални разговори во следните недели.

Поканите се упатени на лидерите од Израел, Египет и палестинската самоуправа.

Се уште се разработуваат деталите, но администрацијата вели дека претседателот Обама се надева дека одделно ќе разговара со Бенџамин Нетанјаху, Хосни Мубарак и Махмуд Абас во следните шест недели.

Обама веќе оствари дел од личните дипломатски напори, кога во вторникот во Белата куќа разговараше со јорданскиот крал Абдула.

Тој рече дека луѓето се цинични за мировниот процес и во регионот и ширум светот, но напредокот е се уште можен:

- Она што сакаме да направиме да се помрднеме од амбисот. Колку и да е тешко и неотварливо, проспектите на мирот се уште постојат.


Претседателот се обиде да направи микс меѓу оптимизмот и реализмот во време кога одговараше на прашања од новинари на крајот од средбата со јорданскиот монарх.
Тој говореше дека патот е тежок, но индицираше дека очекува позитивни знаци во не толку далечна иднина:

- Моја надеж е дека во следните неколку месеци ќе почнеме да гледаме гестови на добра волја од сите страни“

Обама не сакаше да елаборира, но рече дека страните знаат кои мерки на доверба може да бидат од помош.

Претседателот подвлече дека САД ќе сторат се што можат да ги охрабрат тие мерки, потенцирајќи дека специјалниот пратеник Џорџ Мичел ќе продолжи со дискусиите во регионот.

Обама предупреди дека со новата влада во Израел, напредокот нема да дојде преку ноќ:

- Мислам дека е важно да сфатиме дека Израелците имаат нова влада само неколку недели. Ова е компликуван процес за нив да најдат коалиционен партнер. Мислам дека треба да им се остави време.

Претседателот рече дека со сите политички промени кои настанаа во регионот, на обете страни им е потребно време да ги формулираат и истакнат позициите. Но, тој рече дека ќе уследи фаза кога разговорите мора да бидат заменети со конкретна акција.

Јорданскиот крал Абдулах се надева дека сите инволвирани во мировниот процес ќе ја искористат зададената шанса:

- Мислам дека треба да гледаме во позитивните, а не во негативните работи со цел во следните неколку месеци да им овозможиме на Израелците и Палестинците, како и на Израелците и Арапите да седнат на заедничка маса и да го придвижат мировниот процес напред.“

За време на средбата со новинарите, претседателот Обама беше прашан за коментар за анти-израелските оценки на иранскиот претседател Махмуд Ахмединеџад, кој ги изнесе на конференција на ОН за расизам неделава.

Обама рече дека таквите оценки и штетат на позицијата на Иран во светот. Но, тој индицираше дека не е изненаден од неговите изјави, затоа што таа реторика не е нова.

XS
SM
MD
LG