Линкови за пристапност

Русија ја заврши анти-терористичката операција во Чеченија


Русија ја заврши еднодецениската анти-терористичка операција во Чеченија, при што беа воведени бројни ограничувања на граѓанските слободи во оваа република. Чекорот може да резултира со повлекување на 20.000 руски трупи од Чеченија.

Рускиот Комитет за борба против тероризмот издаде соопштение во кое се вели дека директорот на Федералната служба за безбедност, Александар Бортников, по наредба на претседателот Димитри Медведев, го прекина безбедносниот режим во Чеченија.

Во соопштението се вели дека „одлуката се базира на плановите за креирање на услови за идна нормализација на ситуацијата во републиката, нејзиното признавање и развој во социо-економската сфера."

Анти-терористичката операција во Чеченија започна во 1999 година, кога Русија по втор пат од распадот на Советскиот сојуз испрати свои трупи за да се справат со локалното сепаратистичко движење. Операцијата резултираше со воведување на полициски часови, блокади на патиштата, неосновани апсења и ограничување на авионскиот превоз за цивилното население. На новинарите им беше забранет влез во Чеченија без поседување на дозвола и морале да патуваат низ земјата само со официјална придружба.

Чеченскиот претседател Рамзан Кадиров изјави дека крајот на операцијата би значело поттик за локалната економија и прогласи празник во чест на прослава на настанот.

Кадиров истакна дека Чеченците минале низ многу проблеми за да доживеат крај на оваа операција. Како дополнение, тие имаат загубено се` што се однесува на нивната вредност и имаат платено голема сума за мир, стабилност и просперитет.

Кадиров ја истакна и личната загуба на многу пријатели и роднини, вклучувајќи го неговиот татко, поранешниот претседател на Чеченија, Акмад Кадиров, кој беше убиен за време на бомбашките напади во 2006 година.

И покрај најавата дека околу 20-те илјади руски трупи ќе се повлечат од Чеченија, спикерот на Долниот дом на рускиот парламент, Борис Гризлов изјави дека одреден број на полицајци ќе останат таму.

Минатиот месец, Гризлов соопшти дека поради глобалната економска криза, Русија одлучила да ја преиспита одлуката за одржување на анти-терористичката операција во Чеченија.

Во меѓувреме насилството во оваа република, продолжува. Владата на претседателот Кадиров е обвинета за прекршување на човековите права. Во вторникот во престрелка со бунтовниците, загинал еден полицаец, а двајца други се повредени.


XS
SM
MD
LG