Линкови за пристапност

Џорџ Мичел започнува мировна мисија на Блискиот исток


Специјалниот американски пратеник за Блискиот исток е на трета мисија во регионот. Џорџ Мичел е во Ерусалим, каде за прв пат се среќава со високи официјални лица од новата израелска влада предводена од премиерот Бенџамин Нетанјаху. Мичел рече дека има само еден пат за напредок во мировниот процес: „Американската политика поддржува солуција за две независни држави – палестинска држава која во мир ќе егзистира заедно до Израел."

Мичел зборуваше по средбата со израелскиот ултра-националист, шефот за надворешна политика Авигдор Либерман.

Тој кажа дека зборувале за интензивирање на соработката и дека однапред се радува на следната средба и на вистински продлабочен дијалог што претстои.

Но, големите меѓусебни разлики веќе постојат. Нетанјаху се противи на независна палестинска држава и смета дека тоа би било погубно за израелската безбедност. И Либерман кој е познат по својата директност, неодамна рече дека мировните разговори поддржани од САД се наоѓаат во ќорсокак. Тој му рече на Мичел дека Израел сака да се фокусира на изградба на палестинската економија, наместо горливи прашања како статусот на Ерусалим, палестинските бегалци и конечните граници.

Палестинскиот претседател Махмуд Абас го отфрли ова и рече дека нема да учествува во мировните разговори со Израел се додека Нетанјаху не поддржи решение за две независни држави и не го спречи ширењето на доселеничките населби на Западниот брег. Мичел ќе се сретне со Абас в петок на Западниот брег.

XS
SM
MD
LG