Американскиот карго-брод е на пат кон Момбаса, Кенија, откако нападот од сомалиски пирати во близина на брегот на Сомалија, заврши неуспешно.
Бродот „Либерти Сан“ сега е придружуван од американската морнарица по неуспешниот обид за грабнување.
Сопственикот „Либерти маритајм корпорејшн“ од Њујорк изјави дека бродот има оштетувања од нападот со проектили и автоматско оружје, но нема повредени. Екипажот за време на нападот се затворил во просторијата каде се наоѓаат моторите.
Американската морнарица наредила воениот брод „Беинбриџ“ да го придружува во натамошната пловидба. Истиот воен брод беше инволвиран во саботното спасување на американскиот капетан Ричард Филипс, кој беше држен како заложник од сомалиски пирати. Американската морнарица уби тројца пирати за време на спасувачка операција, а еден е приведен.
Некои пирати се заканија дека ќе се одмаздат, но нема индикации дека бродот бил цел на грабнување заради фактот што пловел под американско знаме. Од спасувачката операција во неделата, пиратите грабнаа уште четири бродови, еден од Того, еден грчки и два египетски.
САД, Кина и други земји патролираат долж брегот на Сомалија во обид да го спречат пиратството во овие води. Бројот на киднапирани бродови се намали годинава, но нагло порасна изминатиот месец.
Разни пиратски групи засега во заложништво држат најмалку 16 бродови и повеќе од 250 членови на екипажи.
Американскиот претседател Барак Обама рече дека САД ќе сторат се` што можат да спречат натамошни грабнувања долж брегот на Сомалија.