Врз американскиот конгресмен Доналд Пејн, кој беше во посета на Сомалија, денеска беше пукано додека заминувал од главниот град Могадишу.
Полициските и безбедносни сили изјавија дека инцидентот се случил на аеродромот во Могадишу, додека авионот во кој се наоѓал конгресменот, се подготвувал да полета.
Надлежните органи додадоа дека авионот полетал безбедно, а американскиот Стејт департмент и портпаролот на конгременот, соопштија дека немало повредени.
По заминувањето на конгресменот Пејн имало престрелка меѓу бунтувниците и трупите на Африканската Унија и сомалиската влада. Според изјавите на очевидци, притоа загинале тројца цивили, а неколку други биле повредени.
Ова е прва посета на висок американски политичар на Сомалија по пауза од неколку години. Конгресменот од сојузната држава Њу Џерси за Гласот на Америка изјави дека се сретнал со сомалиското раководство, а разговорите биле фокусирани на активностите на пиратите на источното сомалиско крајбрежје, како и на иднината на Сомалија. Пејн додаде дека неговата посета на земјата била планирана од претходно, и не е поврзана со неодамнешниот инцидент на грабнување на товарниот брод.