Линкови за пристапност

Капетанот Филипс на слобода, пиратите се закануваат со напад


Сомалиските пирати се закануваат дека ќе ги нападнат американските сили кои учествуваа во операцијата на спасување на капетанот Ричард Филипс, бидејќи притоа биле убиени тројца членови од нивната група.

Пиратите денеска изјавија дека САД се сега нивни непријател и доколку фатат во заложништво кој било Американец, можно е да го убијат.

Еден од пиратите, Абдулаи Лами за Асошиетед прес изјави дека, „во иднина Америка ќе биде таа што ќе жали и ќе плаче.“

Снајперисти од американската морнарица акцијата на спасување на капетанот Филипс ја изведоа вчера. Вице-адмиралот Вилијам Гортни изјави дека пиратите кон Филипс имале вперено пушки од типот АК-47. Тој истакна дека американскиот претседател Барак Обама дал зелено светло специјалците да употребат сила доколку увидат дека капетанот е во опасност.

Сомалиските пирати Филипс го држеа во заложништво уште од средата во чамец за спасување, откако не успејаа да го грабнат товарниот брод Маерск Алабама во данска сопственост кој во водите на Сомалија пловеше под американско знаме. Членовите на екипажот на бродот кој пренесуваше хуманитарна помош за Кенија и кој во моментов се наоѓа во оваа земја, изјавија дека капетанот ги спасил нивните животи со тоа што се предал на пиратите.

XS
SM
MD
LG