Директорот на американската Централна разузнавачка агенција - ЦИА Леон Панета вели дека САД повеќе не користат тајни затвори во странство за притворање и испрашување на лица осомничени за тероризам.
Во писмо до вработените во агенцијата, Панета наведува дека ЦИА планира трајно да ги затвори овие објекти.
Владата на поранешниот претседател Џорџ Буш беше критикувана дека користи тајни затвори во војната против тероризмот. Критичарите тврдеа дека затворениците можеби биле измачувани надвор од дофатот на американскиот правен систем. Владата на Буш има изјавено дека САД не одобруваат и не вршат тортура.
Сегашниот претседател Барак Обама најави дека сите видови на испрашувања на притвореници ќе се вршат согласно Прирачникот на американската армија што забранува употреба на груби техники, како симулирање на давење, што биле користени за време на претходната влада.