Американскиот воен брод УСС „Беинбриџ“ денеска пристигна во близина на сомалиското крајбрежје каде пиратите го грабнаа товарниот брод во данска сопственост „Маерск Алабама“ што пловел под американско знаме. Американскиот екипаж кусо време по грабнувањето ја врати контролата врз бродот, но четворица пирати се` уште го држат во заложништво капетанот на бродот во чамец за спасување. Во операцијата за ослободување на капетанот, покрај морнарицата, е вклучено и американското федерално истражно биро – ФБИ. Американската државна секретарка Хилари Клинтон кажа дека чамецот за спасување навидум останал без гориво, а портпарол на ФБИ дека преговарачки тим е целосно ангажиран со армијата на ослободување на капетанот.
Компанијата Маерск во чија сопственост е бродот, вели дека нејзин главен приоритет е ослободување на капетанот. Товарниот брод пренесувал хуманитарна помош во храна наменета за Момбаса, Кенија.
Ова е шести брод грабнат во регионот во период од една недела, и прв таков со американска регистрација. Пиратите, кои функционираат од бази на источното сомалиско крајбрежје, во моментов во заложништво држат преку десет бродови од различни земји, заедно со нивните екипажи.