Шест главни светски сили најавија дека ќе побараат од Иран да учествува во разговорите за дипломатско решение на спорот во врска со иранската нуклеарна програма.
Американски претставници велат дека САД директно ќе учествуваат во дискусијата, што претставува уште една промена во досегашната американска политика кон Иран. Портпаролот на Стејт департментот Роберт Вуд кажа дека САД „од сега - натаму“ ќе бидат на масата кога другите постојани членки на Советот за безбедност, Русија, Кина, Франција и Британија - заедно со Германија - ќе се сретнат да расправаат за дипломатско решение на спорот.
Претставниците на овие земји на денешната средба во Лондон најавија дека шефот за надворешна политика на ЕУ Хавиер Солана ќе ја врачи поканата до Иран да се приклучи на разговорите. Тие во изјавата бараат Иран „сериозно да се приклучи на сите нас во дух на заедничко почитување“ .
САД вообичаено не контактираат со Иран, но претседателот Барак Обама има кажано дека е подготвен за отворен дијалог. Учесниците на шестраните разговори за Иран на средбата во Лондон ги пофалија САД за „новата насока“ во однос на политиката спрема Иран.
Иранските медиуми, пак, јавија дека се очекува претседателот Махмуд Ахмадинеџад да најави нова фаза во производството на нуклеарно гориво на прославата на Националниот нуклеарен ден во Иран во четврток.