Линкови за пристапност

Рурална Америка гледа спас од економската криза во енергијата од ветер


Во Оклахома, една од најветровитите американски сојузни држави, руралните заедници во турбините на ветер гледаат излез од тешката економска ситуација.

Ветровит ден е вообичаена временска прогноза за Оклахома, а се` повообичаена глетка стануваат турбините на ветер долж патиштата и полињата.
Изработката и инсталирањето на една турбина чини околу два милиони долари. Инвеститорите плаќаат кирија од четири до шест илјади долари годишно на сопствениците на земјиште за поставување на турбините.

Енџи Алберс, координатор на Иницијативата за енергија од ветер на Оклахома, финансирана од владата, смета дека се работи за нов екомомски подем што ќе ги спаси руралните области:

-Се случува сега, а ќе трае со години. Има капацитет да помогне на осиромашените заедници, да ги врати луѓето во нив.

Компанијата „Берги Виндпауер“ изработува турбини уште од владата на претседателот Џими Картер во доцните 1970-ти. Сегашниот претседател Барак Обама понуди субвенции и даночни олеснувања со цел овој вид на енергија да стане поевтин и пораспространет. Бизнисот цвета, и претставникот за продажба на компанијта, Скот Мерик коментира дека се нашол во вистинската индустрија - во вистинското време:

-Ме привлекуваат турбините. Речиси еден вид на каубојска возбуда, кога се ширела границата на американскиот Запад, само сега еколошки.

Многумина се заинтересирани и вложуваат во енергија на ветрот. Универзитетот на Оклахома дури плаќа додаток на компанијата што му обезбедува електрична енергија, со цел до 2013-та целосно да се напојува од енергијата од ветер.

И покрај критичарите кои велат дека турбините не се економични и погодни за широка употреба, во Оклахома многумина се за тоа турбините на ветер да станат - неизоставен дел на пејсажот.

XS
SM
MD
LG