Линкови за пристапност

Обама се обрати пред турскиот парламент, испружи рака до муслиманскиот свет


Американскиот претседател Барак Обама вели дека се залага за подобри односи со муслиманскиот свет воопшто, а конкретно со Турција. Оваа земја е последна станица на неговата европска турнеја.

-Ме прашуваа дали ќе ги посетам Анкара и Истанбул за да испратам порака до светот. Мојот одговор беше едноставен – да, рече Обама во Турција.

Во обраќањето пред турските парламентарци, Обама кажа дека има намера да ја врати довербата, не само меѓу САД и Турција, туку и меѓу Америка и муслиманскиот свет воопшто.

-Дозволете ми да го кажам ова најјасно што можам - САД не се и никогаш нема да бидат во војна со исламот, истакна Обама.

Американскиот лидер подвлече дека САД се залагаат за партнерство базирано на заеднички интереси и почитување. Обама вети дека ќе ги сослуша мислењата на другите и ќе се залага за изнаоѓање заеднички прифатливи решенија дури и по прашањата каде постои длабока подвоеност.

-Ќе имаме почит, дури и кога не се согласуваме. Ќе продолжиме да имаме длабока почит кон муслиманската вера, која низ вековите има сторено многу во обликувањето на светот, вклучувајќи ја и мојата земја. САД се чувствуваат побогато поради муслиманските Американци. Многумина од Американците муслимани во своите семејства или пак живееле во земја со доминантно муслиманско население. Тоа го знам, бидејќи јас сум еден од нив, рече Обама.

Претставници на Белата куќа потенцираа дека ова не бил долгочекуваниот говор на претседателот упатен до муслиманскиот свет, иако на него се гледа како обид да досегне до припадниците на исламската вера.

Поголемиот дел од излагањето се однесуваше конкретно на американско-турските односи.

Претседателот Обама Турција ја нарече клучен сојузник и важен дел од Европа. Тој ја подвлече улогата на земјата како мост меѓу културите и нејзината уникатна позиција како голема секуларна демократија со 99 проценти муслиманско население.

Американскиот лидер истакна дека ја поддржува аспирацијата на Турција за членство во ЕУ, што, пак, наидува на противење кај Германија и Франција. Тој додаде дека Унијата не треба да стравува, напротив може многу да добие доколку ја прими Турција во своите редови.

-Европа добива од етничка, традициска и верска разновидност, а не губи. Турското членство уште повеќе ќе ја прошири и ќе ја зајакне европската основа, рече Обама

Претседателот не зборуваше само за иднината на Турција, туку и за нејзиното минато, алудирајќи на можеби најконтроверзниот момент во нејзината историја – масовното убиство на Ерменците од страна на отоманските Турци во 1915-та година.

Историчарите ова убиство го нарекуваат прв геноцид на 20-от век, но Турција вели дека Ерменците биле жртви на граѓанската војна, како и дека биле загубени животи на обете страни.

Како претседателски кандидат, Обама кажа дека би потпишал резолуција за ерменскиот геноцид што е во процедура во американскиот Конгрес. Сепак, за време на посетата на Анкара, тој рече дека личните ставови ќе ги остави настрана и ќе дозволи Турците и Ерменците самите да го решат прашањето.

Претседателот Обама за време на посетата на турскиот главен град во ниту еден момент не го употреби зборот „геноцид". Тој кажа дека во тек се разговори меѓу инволвираните страни и дека се надева дека ќе бидат плодотворни.

XS
SM
MD
LG