Линкови за пристапност

Рикер:  надминати проблемите од минатогодишните избори, но остануваат одредени предизвици 


"Од прелиминарниот извештај на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР, очигледно се гледа дека се надминати проблемите што беа забележани за време на минатогодишните парламентарни избори. Како што беше соопштено, Македонија ги исполни меѓународните стандарди, но сепак остануваат одредени предизвици", изјави денес американскиот амбасадор во Македонија, Филип Рикер.

Тој смета дека најнапред треба да се прочисти избирачкиот список и да се изнајдат начини за деполитизирање на јавната администрација.

"Можеби треба да се изработи независен извештај за тоа какви притисоци луѓето почуствувале", кажа Рикер, според кого новиот претседател треба да изнајде начин да допре до сите граѓани, зашто стапува на непартиска функција. „Претседателот на Македонија е претседател на сите граѓани на Македонија", изјави Рикер, според кого сега настапува период кога сите треба да се вратат на работата и на актуелните предизвици.

И високиот претставник на Европската унија за заедничка надворешна политика и безбедност Хавиер Солана во писмена изјава денес го поздрави спроведувањето на претседателските избори во Македонија и им честиташе на граѓаните на Македонија, на политичките партии и на властите за спроведувањето на претседателските избори на 22-ри март и на 5-ти април. И тој смета дека изборите ги исполниле повеќето заложби и стандарди за демократски избори на ОБСЕ и на Советот на Европа.

Во честитката до новоизбраниот претседател Иванов, Солана му посака храброст и мудрост на новата позиција како шеф на државата и порача дека државата и новиот претседател и натаму ќе ја имаат неговата силна поддршка во напорите за натамошен напредок во однос на евроинтеграцијата, вклучувајќи еден сеопфатен политички дијалог во самата земја, но и со ЕУ.

Новозибраниот претседател на Македонија Ѓорге Иванов денес изјави дека вчера со изборите завршил најлесниот дел од работата и порача дека допрва следуваат предизвиците со кои "мора да се соочиме за доброто на Македонија - членството во ЕУ и НАТО и решавање на спорот за името".

Иванов, кој кампањата ја почна во манастирот „Свети Ѓорѓија" во Валандово, денес по објавувањето на конечните резултати на ДИК го посети Соборниот храм „Свети Климент Охридски" во Скопје, каде запали свеќа за среќа, благослов и благосостојба на сите граѓани на Македонија. Според Иванов, само дел од албанските гласачи не излегле да гласаат, но поголем дел гласале, па неговиот легитимитет не е доведен во прашање со исполнувањето на законскиот цензус.

"Сега првпат имаме во Македонија состојба кога легитимитетот не е оспорен и тоа дава надеж дека ќе успеам да ги претставувам сите во мандатот што следи, да бидам персонификација на државата", им рече Иванов на новинарите.

XS
SM
MD
LG