Линкови за пристапност

ОБСЕ/ОДИХР: вториот круг на изборите главно ги исполни стандардите


Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР во Македонија на прес-конференција наредниот ден по изборите истакна дека вториот круг главно ги исполнил стандардите на ОБСЕ и на Советот на Европа за демократски избори.

-Задоволни сме што видовме мирна атмосфера и добро организиран изборен ден, иако некои аспекти од кампањата сериозно го намалија квалитетот на изборниот процес, изјави шефот на мисијата за набљудување на македонските избори Питер Ајкер.

ОБСЕ/ОДИХР предупредија дека нискиот процент на излезност за претседателските избори е понатамошна опасност за исполнување на цензусот, што може да доведе и до неуспешни избори, особено во контекст на повеќегодишните проблеми со неажурираниот избирачки список.

Нов претседател на Македонија е кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, професорот Ѓорге Иванов, кој на вчерашниот втор круг на четвртите претседателски избори освои 453.426 гласови, со голема предност пред противкандидатот од СДСМ, професорот Љубомир Фрчкоски кој освои 264.692 гласа.

Иванов во обраќањето до јавноста по победата ги наведе своите приоритети на претседателската функција:

-Одговорноста за европска Македонија, Македонија без Шенген визи, Македонија – членка во НАТО. Оваа одговорност подразбира и по изборите зафаќање со најсуштествените проблеми во оваа држава, а пред се` спорот со нашиот сосед и проблемот со името.

Според претседателот на Државната изборна комисија Александар Новаковски, обработени се записниците од 99,93 отсто избирачки места и според тие податоци исполнет е законски определениот 40-процентен цензус, односно, излезноста била 42,61%. Во тек е 48-часовниот рок за поднесување приговори, но, според ДИК, изборниот ден минал во мирна и демократска атмосфера.

XS
SM
MD
LG