Линкови за пристапност

Обама во Турција ќе ја нагласи нејзината улога на американски сојузник


Белата куќа вели дека американскиот претседател Барак Обама во понеделник на турските законодавци во Анкара ќе им порача дека Турција е клучен сојузник и важен дел од Европа. Турција е последна станица од посетата на Обама на Европа. Белата куќа соопшти дека тој е почестен да ја посети земјата и да се обрати пред нејзиниот парламент.

Обраќањето ќе се осврне на турските демократски реформи и потребата Вашингтон и Анкара да соработуваат во однос на контратероризмот, Авганистан, Иран и Блискиот Исток. Белата куќа најави дека Обама сака да ги обнови односите со Турција, за кои тој вели дека излегле од фокусот последните години. По Анкара, Обама ќе учествува на дебата на ОН во Истанбул за премостување на разликите меѓу Западот и исламот.

Многумина Турци беа против војната во Ирак. Турција исто така не даде согасност коалиционите сили да го нападнат Ирак од нејзините бази.

Обама пристигна во Турција од Чешката Република, каде учествуваше на средбата САД-ЕУ и ги повика водачите на ЕУ да ја прифатат Турција како членка. Тој кажа дека е важно Западот да воспостави поблиски односи со муслиманските земји. Францускиот претседател Никола Саркози го отфрли апелот на Обама, инсистирајќи дека Турција е азиска земја. Германската канцеларка Ангела Меркел исто така изрази резервираност.

Американскиот претседател во обраќање до Европејците пред голем број насобрани во Прага ја истакна американската посветеност да бара мир и безбедност во свет без нуклеарно оружје. „Како единствена нуклеарна сила која употребила нуклеарно оружје, САД имаат морална одговорност да реагираат. Сами не може да успееме во тоа, но може да предводиме, може да започнеме со напорот", рече Обама. Ги повика сите земји да се приклучат, нарекувајќи го постоењето на нуклеарно оружје „најопасен остаток од Студената војна". Обама повика и на нов договор со Русија за стратешко намалување на вооружувањето до крајот на годината. За лансирањето на проектил во Северна Кореја, тој оцени дека претставува кршење на правилата и кажа дека е време за енергичен одговор на меѓународната заедница. Го повтори предлогот за контакт со Иран за запирање на нуклеарната програма на оваа земја, но рече дека САД ќе продолжат со плановите за ракетен штит во Европа се` додека таа и натаму претставува закана.

Претходно, на Самитот на НАТО во Германија и Франција, Обама кажа дека средбата дала „силна и едногласна" поддршка за новата американска стратегија за Авганистан. На прес-конференција во Стразбур, на крајот на Самитот на НАТО на кој беше одбележена 60-годишнината на Алијансата, тој рече дека напорот во Авганистан не може да биде само американски, како и дека НАТО дава вистински ресурси за да одговори на своите цели во Авганистан. Тој сепак подвлече дека ќе бидат потребни дополнителни средства за да се порази Талебан во Авганистан и Пакистан и да се искорени Ал-Каида. Обама ја подвлече и потребата НАТО да одржува добри односи со Русија, и му честиташе на данскиот премиер Андерс Фог Расмусен на изборот за нареден генерален секретар на НАТО, оценувајќи дека тој е вистинскиот човек да ја води Алијансата во 21-от век.

Обама на Самитот на НАТО ја спомена и Македонија. "Би сакал да подвлечам дека како што ги примаме Албанија и Хрватска во НАТО, ова нема да биде последен пат да имаме ваква прослава. Со нетрпение го очекувам денот кога ќе може да и` посакаме добредојде на Македонија во Алијансата. Вратата за членство ќе остане отворена за останатите земји кои ги исполнуваат НАТО-стандардите и кои може да дадат значителен придонес кон заедничката безбедност", рече америанскиот претседател.

Европската турнеја на Обама започна минатата недела со посетата на Лондон и учеството на самитот на Групата 20 најголеми економии.

XS
SM
MD
LG