Линкови за пристапност

Македонија: Иванов избран за претседател, Фрчкоски го призна поразот


Македонија го доби четвртиот по ред претседател од прогласувањето на независноста.

На вториот круг од претседателските избори, според нецелосните резултати на Државната изборна комисија (ДИК), а врз ознова на добиените податоци од 2.775 од вкупно 2.976 избирачки места, убедливо победи кандидатот на владеачката ВМРО-ДПМНЕ, професорот Ѓорге Иванов со освоени 417.787 гласови, пред кандидатот на СДСМ и НСДП, професорот Љубомир Фрчкоски со 237.473 гласови. Според ДИК, цензусот е остварен со 42,86%.

Владеачката ВМРО-ДПМНЕ оствари голема победа и на петтите по ред локални избори. Нејзините кандидати освоија градоначалнички места во најголемиот број општини, како и во Скопје, каде градоначалник ќе биде Коце Трајанов.

Вршителот на должноста претседател на опозициониот СДСМ Зоран Заев, кој повторно беше избран за градоначалник на Струмица и претседателскиот кандидат Фрчкоски го признаа поразот и честитаа на ВМРО-ДПМНЕ и на новиот претседател на државата Иванов на полноќ меѓу неделата и понеделникот, додека на централниот плоштад во Скопје симпатизерите на владеачката партија ја славеа победата. Заев на прес-конференција изјави дека СДСМ ја прифаќа волјата на македонските граѓани, дека сега апсолутно целата власт е во рацете на ВМРО-ДПМНЕ, како и дека поради тоа „одговорноста за идните состојби лежи кај нив". Фрчкоски, покрај честитката за победата на Иванов, порача: „Господ нека и` е напомош на Македонија".

Иванов, пак, им се заблагодари на граѓаните за поддршката и кажа дека тие покажале дека Македонија може да спроведе европски и мирни избори. „Покажавме дека знаеме со тој чин да ги отвориме европските перспективи за Македонија", рече Иванов. Тој најави дека веднаш ќе се зафати со „три клучни приоритети што ни претстојат како држава - Европската унија, НАТО и решавањето на името".

Според невладината организација Мост, која имаше најголем број на набљудувачи, цензусот е остварен со излезност од 43,14%. Како што изјави претседателот на Мост Дарко Алексов, од дадените гласови, 63,2% добил Иванов, а 36,8 Фрчкоски.

ДИК за понеделник најави нова прес-конференција.

XS
SM
MD
LG