Линкови за пристапност

Со гласањето на ум, Македонија се надева да биде прифатена од НАТО, ЕУ


Луѓето во Македонија во недела гласаат на вториот круг од претседателските и локални избори, на кои се гледа како на клучен фактор за приклучување кон НАТО и ЕУ. Како што гласаат, можеби на ум им се зборовите на американскиот претседател изговорени ден порано.

"Би сакал да подвлечам дека како што ги примаме Албанија и Хрватска во НАТО, ова нема да биде последен пат да имаме ваква прослава. Со нетрпение го очекувам денот кога ќе може да и` посакаме добредојде на Македонија во Алијансата. Вратата за членство ќе остане отворена за останатите земји кои ги исполнуваат НАТО-стандардите и кои може да дадат значителен придонес кон заедничката безбедност", рече Барак Обама на Самитот во НАТО, што се одржа во Германија и Франција.

Грција го блокираше приемот на Македонија во НАТО, делумно поради спорот околу името на земјата. Откако Македонија постигна независност во 1991-ва, официјална Атина бараше земјата да го смени своето име, велејќи дека сака да ја заштити својата северна покраина наречена Македонија од потенцијални територијални претензии.

Официјални лица од Запад велат дека интеграцијата на Македонија во НАТО и Европската унија исто така зависи и од тоа дали гласањето в недела ќе биде навистина демократско и без насилство.

Македонија веќе еднаш избегна граѓанска војна, по судирот меѓу нејзините етнички Албанци и Македонците во 2001-ва, но затоа на последните избори минатата година се случи насилство, во кое загина најмалку едно лице.

Аналитичарите на овие избори велат дека кандидатот на владеачката и конзервативна партија ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов е фаворит за победа. Во првиот круг на гласање тој освои 35 проценти од гласовите.

Неговиот конкурент Љубомир Фрчкоски од главната опозициона партија СДСМ освои 20 проценти во првиот круг. Само Фрчковски поддржува спогодба за изнаоѓање на компромис со соседот Грција за тоа какво би било идното име на Македонија.

И покрај политичките тензии, комесарот за проширување на ЕУ Оли Рен го поздрави мирно изведениот прв круг на гласање, но предупреди дека интеграцијата на Македонија во ЕУ е поврзана со тоа дали гласањето во вториот круг ќе ги исполни меѓународните стандарди.

„Во последните месеци, ЕУ инсистираше на важноста на овие избори за европската иднина на земјата. Јас верувам дека ќе има фер-плеј. Ги повикувам сите граѓани и водачи во земјата, како и државните институции, да обезбедат спроведувањето на вториот круг на изборите на 5-ти април да ги задоволи меѓународните стандарди", рече Рен.

Македонија во вториот круг гласа за претседател, но и за 43 градоначалници. Изборите ги набљудуваат стотици меѓународни и илјадници локални набљудувачи.

XS
SM
MD
LG