Линкови за пристапност

Македонија гласа во вториот круг на изборите


Граѓаните заведени во Единствениот избирачки список, 1.792.082 избирачи со право на глас, денес на непосредни избори на вториот круг го избираат четвртиот претседател на Македонија, а паралелно на петтите локални избори се изјаснуваа и за градоначалници во 43 општини и Градот Скопје, меѓу двајцата кандидати, кои во првиот круг пред 14 дена добија најмногу гласови. Во првиот круг гласањето беше завршено во 33 општини, во кои ВМРО-ДПМНЕ победи во 25, а ДУИ и СДСМ во по четири општини.

За претседателската функција противкандидати беа Ѓорге Иванов од ВМРО-ДПМНЕ и Љубомир Фрчкоски од СДСМ, кои во првиот круг освоија 345.850 гласови односно 202.691 глас. По лидерската средба, челниците на најголемите партии упатија апел за успешни, фер и демократски избори, а по добрите оценки за успешниот прв круг, и претставниците на меѓународната заедница апелираа за спроведување на мирни, фер и демократски избори,затоа што од нив зависи и евроатланстската интеграција на Македонија.

Одѕивот во првиот круг од претседателските избори беше 56,88 проценти.За да успее денешното гласање, на гласачките места мора да излезат најмалку 40 проценти од вкупното избирачко тело, а ако никој од кандидатите не го добие потребното мнозинство, ќе се повтори целата постапка за избор. Со оглед дека на актуелниот претседател Бранко Црвенковски му истекнува мандатот на 12 мај, според законот, во таков случај, до новите избори функцијата претседателот ќе ја врши претседателот на Собранието Трајко Вељановски.

Денешниот втор круг од четвртите претседателски и петите локални избори во го следат голем број домашни и странски набљудувачи. ДИК акредитираше 7.038 монитори, од кои најголем број се од Граѓанската асоцијација МОСТ - 4.577, а 67 домашни набљудувачи се ангажирани од ОБСЕ и други невладини организации. ДИК акредитираше и 544 странски набљудувачи, ОБСЕ/ОДИХР има 312 монитори, а меѓу другите странски набљудувачи, амбасадата на САД имаше 48,амбасадите на Франција, Британија и Словенија - девет, осум, односно - три, Канцеларијата на ЕК во Скопје 17, Мисијата на НАТО има двајца, Парламентарното Собрание на Советот на Европа - 20, Конгресот на локални и регионални власти - 13 набљудувачи... За следење на изборите се акредитирани триесетина новинари од регионални и европски медиуми.

Коалицијата на невладини организации „Излези да гласаш“ утрото соопшти дека биле отворени сите избирачки места, освен во Студеничани, поради одрон на патот, а попладнето дека до 17 часот најголем одѕив имало во Берово, 71.34 отсто, а најмал во Гостивар - 23.18 проценти. Според информациите до 17 часот, Коалицијата констатираше дека изборниот процес се одвива во мирна и демократска атмосфера, без инциденти и поголеми неправилности, значи, без нарушување и прекин на изборниот процес.

Амбасадорот на ЕУ во Македонија Ерван Фуере посети неколку избирачки места во Охриди охридско и во селото Велгошти повика на воздржаност од секакви активности што би можеле да бидат квалификувани како притисок врз гласачите.

“За жал, бевме сведоци на одредени притисоци во Вевчани, така што уште еднаш апелирам преостанатите часови до затворањето на гласачките места да се искористат на најдобар можен начин за да се демонстрира фер и демократска атмосфера, да се покаже дека Македонија има капацитет да организира избори на кои граѓаните можат слободно да излезат и да гласаат, бидејќи тоа е од голема важност за државата и нејзината иднина”, потенцираше Фуере.

Амбасадорот на САД Филип Рикер во Куманово изјави дека има информации за одредени неправилности, но дека ќе се почекааат информациите од ОДИХР од теренот за да се дадат оценки за целиот процес.

Кандидатот за претседател на СДСМ Љубомир Данаилов Фрчкоски на гласачкото место изјави дека очекува мирни, слободни и успешни избори, иако според него, “мала сенка врз добивањето цензус фрли пакет-договорот меѓу владините партнери кој албанските гласачи го разбраа повеќе како повик за бојкот, отколку како повик за договор”. Фрчкоски, кој потенцираше дека очекува победа на изборите, изрази очекување дека ќе се постигне потребниот цензус и дека изборите ќе бидат успешни.

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов откако го оствари своето гласачко право изрази очекување дека денешното гласање ќе помине во најдобар можен ред.“Така ќе ги отвориме европските перспективи на Македонија бидејќи навистина граѓаните се покажаа одговорни и достоинствени.Очекуваме со завршување на денешниот ден да се почнат сите приоритети за доброто на државата, пред се` решавање на проблемот со името кое ни е услов за евроинтеграциите и влезот во НАТО”, изјави Иванов.Според него, ако изборите завршат како што треба, Македонија ја очекува период на активирање на сите институции за остварување на нејзините стратешки цели.

Актуелниот претседател Бранко Црвенковски по гласањето изрази надеж дека гласањето ќе помине во мирна атмосфера, без насилство, инциденти, закани и притисоци и дека граѓаните ќе можат во демократска атмосфера да ја искажат својата волја и својот глас.“Сакам да верувам дека и кај самите кандидати и кај лидерството на политичките партии, а пред се` кај челните луѓе на државните институции задолжени за спроведување на изборите постои целосна свест за значењето на овие избори уште повеќе за начинот како изборниот процес ќе биде реализиран”.

Премиерот Никола Груевски по гласањето изјави дека е задоволен што сите информации до 14 часот, во Македонија има мирно, фер и демократско гласање и дека гласањето го остваруваат сите граѓани без никакви пречки. “Тоа е добро за нашите идни евроатлантски процеси и за иднината на државата.Се надевам дека така ќе заврши денешниот ден и цврсто верувам во тоа”, изјави Груевски

Изјави по гласањето дадоа и лидерите на двете најголеми албански партии.

Претседателот на ДПА Мендух Тачи гласаше само на локалните избори, а не и за кандидатите за претседател на државата, за што рече декатоа е негово демократско право и изјави дека “полууспешно ќе се изврши обврската на патот кон НАТО и Европската унија”, а претседателот на ДУИ Али Ахметиизрази надеж дека и вториот круг од претседателските и локалните избори ќе поминат во најдобар ред зашто “тоае многу важно за Македонија и за нејзините евроинтеграции и членство во НАТО”.


XS
SM
MD
LG