Линкови за пристапност

Неколку лекови во еден – можно решение за намалување на ризикот од срцев и мозочен удар


Таканаречениот „полипил" или „поликап" е комбинација на аспирин, потоа лек од групата статини за намалување на холестеролот, како и три други лекови за регулирање на крвниот притисок.

За сите нив е познато дека го намалуваат ризикот за срцев и мозочен удар, но д-р Кун Тео од Универзитетот Мекмастер во Канада вели дека е мошне тешко да ги убедите луѓето - кои на прв поглед изгледаат здраво - да земаат по неколку таблети, секој ден.

„Особено ако се чувствуваат добро, ќе прашаат – зошто да земам толку лекарства? А, доколку не ги земаат, нема да имаат корист на долгорочен план. Оттаму, дојдовме на идеја да комбинираме четири-пет лека во еден и со тоа да го поедноставиме целиот процес. Пациентите така би земале само една таблета дневно", вели Тео. Овој лекар е еден од авторите на студијата што беше презентирана на 30-ти март на состанокот на Американското здружение за кардиологија, а потоа и објавено на интернет изданието на британскиот журнал за медицина „Лансет".

Истражувањето опфатило 2.000 лица на средновечна возраст од Индија. Испитувањата покажале дека лекот „полипил" бил успешен во намалување на крвниот притисок и холестеролот без многу контраиндикации. Всушност, контраиндикациите биле од помал интензитет, споредено со случаите кога лековите се земале одделно.

Сепак д-р Тео наведува дека потребно е да се направат дополнителни тестови за да се утврди дали овој вид на лек помага против кардиоваскуларните болести и прераната смрт, а не само во намалување на ризичните фактори што може да доведат до срцеви заболувања.

Доколку се покаже како успешен, „полипилот" најверојатно ќе биде достапен во неколку стандардни дози. Пациентите со посложена здравствена состојба најверојатно и натаму ќе мора да ги земаат лековите одделно. Сепак, останува надежта дека еден стандарден вид на „полипил" со пристапна цена би помогнал на многумина да го намалат ризикот од срцев или мозочен удар.

Срцевите заболувања се сметаат за главен причинител за смртност во светот, а експертите велат дека болеста не е само карактеристична за западните, развиени земји. Токму затоа, додаваат аналитичарите, едноставниот процес на лекување преку „полипил" и неговата пристојна цена, ќе направи тој да биде достапен и за областите каде лекарската грижа не е лесно достапна.

XS
SM
MD
LG