Пад во продажбата од 40 до 50 проценти е последицата за автомобилските компании од глобалната економска криза. Можеби најтешко беше погоден американскиот Џенерал Моторс, гигант кој произведува на пет континента.
Џи-Ем беше најголемата
индустриска компанија во светот. Милиони
остваруваа живеачка благодарение на неа.
Моделите како Шевролет, Понтијак, Бјуик и Кадилак беа синоним за луксуз
и иновација.
Алфред Слоан беше на чело на неа
од 1937-ма до 56-та. Неговата максима
беше „на муштеријата да му се даде најдобар квалитет и корист за најмала можна
цена“. Во добрите стари времиња,
еден подоцнежен директор стана познат по изреката дека „она што е добро за
Џи-Ем, добро е и за земјата“.
Економистот Фери Хафбаер од Институтот Петерсон во Вашингтон смета дека компанијата го загубила патот во 70-те, согласувајќи се на дарежливи примања, здравствено осигурување и пензии, а истовремено занемарувајќи ја конкуренцијата од Јапонија. „Станаа
многу повеќе како владата, значително бирократски“, коментира Хафбаер.
Во 90-те продолжи да се намалува
пазарниот удел на Џи-Ем. Падот продолжи и под раководство
на сега веќе бившиот директор Рик Вагонер.
Губитокот нарасна на 70 милијарди, а новите модели не привлекоа
потрошувачи. Во минатите три години
компанијата затвори 60 илјади работни места, а минатиот ноември побара помош од
владата за да не пропадне. Претседателот Обама го отпушти
Вагонер и на компанијата и` даде рок од 60 дена да изготви нов деловен план. „Овие компании и индустрија на крајот мора да
застанат на свои нозе, а не под старателство на државата“, вели американскиот
претседател.
Новиот директор Фриц Хендерсон
најави дека ќе ги намали издатоците и ќе продава актива за да избегне колапс. „Треба да внимаваме не само на позицијата на
пазарот, туку и на тоа да бидеме профитабилни“ смета Хендерсон.
Вака или онака, Џи-Ем
најверјатно ќе преживее. Но, не се знае
колку ќе биде успешна неговата нова серија на возила, меѓу кои и
хибридните. Едно е сигурно: славните
денови на компанијата припаѓаат на минатото.
Експертите предвидуваат Џи-Ем во иднина да опстојува како помала
компанија.