Линкови за пристапност

Обама вети дека ќе се залага за свет без нуклеарно оружје 


Американскиот претседател Барак Обама вели дека наскоро ќе изложи агенда за работа на свет без нуклеарно оружје.

Зборувајќи пред студенти во источниот француски град Стразбур, Обама рече дека ширењето на нуклеарното оружје може да доведе до бришење на кој било град на планетата. Тој рече дека ќе ги изнесе своите предлози и во Прага, во сабота.

Обама кажа и дека САД не сакаат да бидат патрон на Европа, туку партнер.

Претходно американскиот лидер се сретна со францускиот претседател Николас Саркози. Притоа Обама кажа дека нагласил оти САД би сакале да ја видат Европа како развива посилна одбранбена способност за да го засили ова партнерство.

Францускиот лидер го потенцирал блискиот однос меѓу двете држави, потенцирајќи дека тој и претседателот Обама повторно ќе се сретнат во јуни, во Нормандија, на комеморацијата на годишнината на сојузничкото пристигнување таму, на Денот Д.

Саркози ја пофали изјавата на Обама и неговиот руски колега Дмитри Медведев за плановите да се разговара за продолжување на важењето на Договорот за ограничување на нуклеарното оружје со долг домет.

Обама ја нагласи важноста на дијалогот со Русија, но ја повтори критиката за московската акција во Грузија минатата година. Тој исто така ја нагласи важноста на зачувување на автономијата на сите европски држави.

Американскиот и францускиот претседател разговараа за важноста од спречување на Иран да развие нуклеарно оружје, како и за напорите да се убеди Северна Кореја да запре со планираното лансирање на проектилот.

Обама е во Стразбур пред почетокот на дводневниот Самит на НАТО.

XS
SM
MD
LG