Северна Кореја планира да ја лансира ракетата меѓу 4-ти и 8-ми април.
Пјонгјанг тврди дека со ракетата всушност ќе лансира комуникациски сателит во орбитата, но САД, Јапонија и Јужна Кореја веруваат дека зад овој чекор стои тест за капацитетот на проектилите со долг домет.
Во игра се неколку можни причини зошто Северна Кореја го презема овој чекор. Џек Герити, извршен директор на организацијата „Општество Азија“ со седиште во Вашингтон, вели дека владата на Пјонгајнг сака да испрати порака до светот.
„Главната цел е на светот да му се претстави независноста, како и да се поткопа духот и договорите кои произлегоа од шестраните разговори посветени на севернокорејската нуклеарна програма“, вели овој експерт.
Николас Еберстад, од Институтот Американ Етерпрајс верува дека лансирањето има и политичка заднина.
„Лансирањето на ракетата индицира успех на владината програма за приоритет на армијата, како и да ја зацврсти позицијата на одредени групи во рамки на режимот“, смета Еберштад.
Тука веројатно се и воените отстапки за Северна Кореја, доколку го изврши овој тест, според Гордон Флејк, извршен директор на Фондацијата Менсфилд, исто така со седиште во Вашингтон.
„Тоа ќе внесе усложување во безбедносните калкулации на земјите како САД, Кина и други, кои се занимаваат со севернокорејското прашање, бидејќи со тестот се зголемува воениот капацитет на Северна Кореја. Овој капацитет е многу поважен денес, споредено со пред неколку години, токму заради успешно изведениот нуклеарен тест на Северот“, истакнува овој аналитичар.
Ракетата теоретски може да достигне до западниот дел на САД. Јужна Кореја, Јапонија и САД велат дека акцијата ќе биде провокативен обид за да се унапреди способноста на Пјонгјанг за лансирање на нуклеарни боеви глави со балистички проектили.
Јужна Кореја истакна дека доколку се изврши тестирањето, ќе мора да уследи меѓународна реакција. Јапонија изјави дека ќе ја собори ракетата доколку се покаже дека претставува закана по јапонската територија.
16 американски законодавци, сите републиканци, од претседателот Барак Обама бараат дозвола за активирање на американскиот систем за противракетна одбрана за да се уништат какви било опасни остатоци од лансирањето.
Северна Кореја вели дека ќе собори какви било американски шпионски авиони доколку тие го нарушат воздушниот простор на Пјонгјанг.
Аналитичарот Гордон Флејк вели дека евентуалното превентивно соборување на ракетата само ќе го оттргне вниманието од севернокорејското непочитување на резолуцијата на ОН, а акцијата на САД или на Јапонија ќе се смета за агресија.
Николас Еберстад сепак вели дека САД треба да ја соборат ракетата или остатоците од неа, доколку се во можност да го сторат тоа.
„Доколку нашите способности за противракетна одбрана се адекватни за да го уништат проектилот, тогаш треба дефинитивно да го уништиме. Тоа треба да биде добар знак за нашите сојузници и за Демократската народна партија на Република Кореја, дека покажување на заканите не е секогаш кредибилно од страна на режимот на Ким Јонг Ил“, вели овој аналитичар.
Друго прашање е како тестирањето на ракетата би влијаело на шестраните разговори за ставање крај на нуклеарната програма на Пјонгјанг. Некои аналитичари сметаат дека тоа само ќе додаде на ургентноста за продолжување на разговорите.
„Ако ништо друго, ќе им даде одредена јачина на шестраните разговори, бидејќи сите ангажирани страни осознаваат дека ова е актуелно прашање и меѓу шесте страни, никој навистина не сака да се изврши тестот, освен Северна Кореја“, смета Џек Герити.
Николас Еберстад вели дека овие разговори се мртви: „Шестраните разговори се патетични. Тие на некој начин се мртви последниве четири години, а во меѓувреме владата на Северна Кореја минува од една во друга нуклеарна фаза“.
САД ја предупредија Северна Кореја дека ќе се соочи со последици доколку ја лансира ракетата. Сепак, администрацијата на Обама додава дека останува отворена можноста за обнова на меѓународните преговори заради можноста да се постигне договор за разоружување.
Експертите објаснуваат зошто Северна Кореја сака да тестира проектил со долг домет
- Кент Клеин