Линкови за пристапност

Русија задоволна од првата средба Обама-Медведев


Русија вели дека стратешката стабилност, меѓународната безбедност, неширењето на нуклеарното оружје и соработката против растечките закани се меѓу заедничките интереси на Москва и Вашингтон.

Кремљ воедно даде позитивна оценка на првата средба меѓу претседателите Барак Обама и Дмитри Медведев. Руското Министерство за надворешни работи средбата ја окарактеризира како мошне значаен настан што значи подобрување на американско-руските односи.

За време на прес-конференцијата во Москва, портпаролот на Министерството, Андреј Нестеренко, истакна дека првата официјална средба меѓу Обама и неговиот руски колега Медведев, ја поставила основата за практична соработка меѓу двете земји. Рускиот портпарол рече и дека средбата ги исполнила сите очекувања.

Повикувајќи се на заедничкото соопштение на двајцата лидери по средбата, Нестеренко издвои неколку области на соработка, меѓу кои пред се стратешкото намалување на вооружувањето. Рускиот портпарол додаде дека е можно обете страни да работат на склучување на нов Договор за стратешко намалување на оружјето, пред истекувањето на стариот договор во декември годинава.

Некои експерти се загрижени дека комплицираните технички детали, обемот на работа и евентуалните препреки во легислативата, можно е да го одложат ратификувањето на новиот Договор за стратешко намалување на вооружувањето.

Портпаролот на руското Министерство за надворешни работи изјави дека Русија е подготвена да соработува со НАТО, но одбива нови делбени линии во Европа, што оваа организација, вели тој, може да ги креира доколку кон Алијансата се приклучат Украина и Грузија.

Нестеренко вели дека повеќето од руските ставови ќе зависат од форматот и мисијата која би резултирала од најавениот процес на трансформација на НАТО, кој е далеку од завршен. Тој додаде дека земајќи ги предвид актуелните услови, веројатноста од членство на Русија во НАТО, не се смета за практично прашање.

Што се однесува до новата стратегија на претседателот Обама за Авганистан, рускиот портпарол рече дека одредени делови од неа треба да бидат доработени, но во основа, планот е добар.

Рускиот претседател Дмитри Медведев истакна дека Русија се залага за подобра соработка со САД. Тој ќе му биде домаќин на американскиот претседател Барак Обама кој се очекува да ја посети Русија во јули.

XS
SM
MD
LG