Канадски истражувачи тврдат дека откриле траги на електронско шпионирање,
претежно преку компјутери лоцирани во Кина, со кое наводно бил извршен упад во
компјутери ширум светот.
Според извештајот на група компјутерски аналитичари од Универзитетот во Торонто, заснован на речиси двегодишно истражување, шпионите од мрежата наречена „Гоуст-нет" продреле во речиси 1.300 владини и приватни компјутери во 103 земји. Компјутерскиот аналитичар Нарт Виланова наведува дека тие можеле да ги контролираат компјутерите од далечина:
-Замислете што се` може да стори напаѓачот со ваква контрола – да презема документи, да го копира чукањето на тастатурата, да праќа електронски пораки од ваша адреса, вели Виланова.
Истражувачите тврдат дека
шпионите ги нападнале канцелариите на духовниот водач на Тибет Далај Лама кој
живее во егзил, а кого Кина го смета за сепаратист. Цел биле и министерства за надворешни работи
и амбасади.
Аналитичарот Грег Валтон не
може да потврди дека кинеската влада била вмешана во шпионирањето, но затоа
вели дека операцијата била контролирана преку компјутери што претежно се
лоцирани во Кина. Засега не се знае кои
се напаѓачите, а официјален Пекинг порекна секаква вмешаност.
Па сепак, професорот по политички науки на Универзитетот Хонг Конг, Џозеф Ченг, потсетува дека кинеската армија пред неколку години заговарала компјутерско шпионирање.
- Ова поради тоа што Кина армиски стои послабо од другите светски сили, па оттаму треба да развие информативна технологија што може да ги парализира компјутерските системи на одредена земја, коментира Ченг.
Во САД, компјутерските стручњаци се загрижени и дека глобалниот компјутерски црв, наречен „Конфикер", месецов би можел да попречи милиони компјутери, мрежи и Интернет страници.