Претседателот Барак Обама неделава дебитира на светската сцена, а неговото патување доаѓа во време кога дома тој продолжува да ужива силна поддршка.
Додека светските лидери му земаат мерка на новиот американски претседател, тие секако ја имаат предвид големата поддршка за Обама на домашен терен.
Последните истражувања на јавното мислење покажуваат дека рејтингот на претседателот главно е над 60 проценти, само малку подолу од времето на неговата инаугурација во јануари.
Последното истражување направено од Универзитетот Квинипиак во Конетикат покажува дека рејтингот на Обама е 58 проценти, со 31 процент неодобрување на неговата работа.
Питер Браун е од Институтот за истражување на јавно мислење, Квинипиак. Тој вели дека сега е прашање дали тие цифри ќе се одржат со текот на времето, особено ако економијата не се опорави брзо. Но, во овој момент, вели тој, Американците се расположени на претседателот да му дадат „зелено светло“ и тоа преку одговори на многу прашања кои им ги поставивме.
Нема дилеми дека поправањето на економијата е приоритет број еден за претседателот. Тоа е тема што Обама ќе ја нагласи и на неговото патување во Европа.
За време на минатогодишната претседателска кампања Обама се здоби со репутација на убедлив и надарен говорник.
Тоа е талент што го носи и како претседател, вели републиканецот Кен Дуберстаин, поранешен шеф на кабинет на претседателот Роналд Реган:
„Сте го виделе како патува низ Америка, има средби со обични граѓани, многу го гледате на телевизија и го слушате на радио. Toa e главно без филтери – му зборува директно на американскиот народ и продолжува да ја добива неговата поддршка и трпение“, вели Дуберстаин.
Но, и опозиционите републиканци се обидуваат да ја испратат нивната порака, особено за нивното противење на масовниот буџетски план на администрацијата.
Но досега се чини дека републиканците добиваат со своите аргументи само кај – републиканци, вели истражувачот на јавно мислење Питер Браун:
„Само нешто повеќе од еден на четворица гласачи има позитивно мислење за Републиканската партија. Тоа се лоши вести за републиканците и во овој момент очигледно е дека тие не се дел на никаква калкулација кај гласачите“, вели Браун.
Стручњаците велат дека тоа може да се промени ако администрацијата не почне да покажува видлив напредок во стагнирачката американска економија.
Поранешниот соработник на Реган, Кен Дуберстаин, вели дека засега Американците навиваат претседателот Обама да успее.
Добри вести има и за првата дама Мишел Обама, според истражување на Еј-Би-Си Њуз и Вашингтон Пост - нејзиниот рејтинг пораснал, од околу 48 проценти минатиот јуни на 72 проценти сега.