Линкови за пристапност

Едно на секои три деца во САД во опасност од здравствени проблеми поради дебелина


Неодамна во американскиот Конгрес се одржа брифинг за проблемот со дебелината во САД. Речиси двајца на секои тројца возрасни во земјата имаат проблеми со вишок на килограми. Конгресмените особено се интересираа за ситуацијата кај децата.

Иако дебелината кај децата е во стагнација последниве девет години, Вилијам Диц од Центарот за контрола на болести вели дека се` уште се работи за епидемија:

-Вкупно 31 процент од децата и адолесцентите во САД се со ризик за компликации поврзани со прекумерната тежина.

Најповеќе се погодени момчињата од латиноамериканско потекло и девојчињата од афро-американско.

-На лош пат сме, нашите деца да не го достигнат нашиот животен век, туку ние да ги надживееме, вели републиканската конгресменка Џин Шмит.

Средношколецот Рајан Сигал зборува за своето искуство:

-Патев од клиничка прекумерна тежина и поради тоа добив почетна фаза на дијабетис. Ми беше препишан инсулин. Преку спорт и лекови, го загубив вишокот килограми.

За изненадување, експертите не мислат дека образованието може да помогне да се надмине проблемот. Велат, клучот е во достапноста на добар и здрав избор на храна. Проблем е што свежото овошје или зеленчук во некои градови не е лесно достапно и има повеќе ресторани за „брза храна" отколку супермаркети.

Мајката Гвен Греј признава дека купува „брза храна" за своите деца:

-Имаме два супермаркета, но таму е се` поскапено и далеку се.

Неодамнешна студија покажува дека во случаи кога рестораните за брза храна се лоцирани во непосредна близина на училиште, бројот на децата со прекумерна тежина е поголем за пет проценти.

Лекарите велат дека разликата меѓу здраво дете и дете со проблеми со килажата е околу 150 калории дневно - или половина чоколадо. Велат, барем тоа е лесно да се промени.

XS
SM
MD
LG