Линкови за пристапност

Обама и Медведев ветуваат обновување на разговорите за разоружување


Американскиот претседател Барак Обама и неговиот руски колега, Дмитри Медведев, се согласија да ги обноват разговорите за ограничување на нуклеарното оружје со долг домет.

Двајцата претседатели, кои се сретнаа за прв пат лице-в-лице, кажаа дека се надеваат на постигнување согласност за продолжување на договорот за стратешко намалување на оружјето, познат како СТАРТ, што истекува во декември, и да ги намалат залихите на оружје под нивото поставено вопактот од 2002 потпишан во Москва. Тие побараа од преговарачите да известат за напредок до јули.

Двајцата се сретнаа во Лондон спроти самитот на лидерите на Груѕпата 20 најголеми економии.

Во изјава која опфаќа повеќе теми, Обама и Медведев рекоа дека двете земји веќе не се гледат како непријатели и дека ветуваат да работат заедно на зајакнување на меѓународната безбедност и дека ќе одговорат на глобалните економски и други предизвици. Обама ќе ја посети Русија во јули како продолжение на контактите.

Претседателите ги признаа меѓусебните несогласувања во врска со американските планови за распоредување на ракетен одбранбен систем во Европа, но дадоа збор дека ќе разговараат за заедничка меѓународна соработка по прашањето на ракетна обрана.


Претседателите го поттикнаа Иран да соработува со нуклеарната агенција на ОН и да докаже дека нивната нуклеарна програма е по природа мирољубива. Тие кажаа дека Иран има право на цивилна нуклеарна програма, но додадоа дека владата во Техеран треба да ја обнови довербата во „ексклузивно мирољубивата природа" на својата иницијатива.

Американско-руската изјава изразува загриженост за можното лансирање на балистички проектил од Северна Кореја велејќи дека тоа може да наштети на мирот и стабилноста. Тие го поттикнаа Пјонгјанг да покаже воздржаност и да ги почитува директивите на Советот за безбедност на ОН за нивните нуклеарни активности.

Обама и Медведев исто така кажаа дека ќе работат на справување со тероризмот во Авганистан и пакистан како и со трговијата со дрога во таа област.

XS
SM
MD
LG