Линкови за пристапност

Американците се’ повеќе рециклираат и купуваат „зелени“ производи


Студија на организацијата за заштита на животната средина „Грин Сил“ покажува дека четворица на секои петмина Американци купуваат производи што не се штетни за животната средина иако се поскапи.

Директорот на „Грин Сил“, Артур Ваисмен, вели дека повеќето од испитаниците се изјасниле дека рециклираат.

„Тоа се одлични вести“, вели тој. „Околу 87 проценти велат дека го прават тоа. Многу поизненадувачки е што во телефонски спроведената анкета во јануари годинава, што вклучува илјада возрасни случајно избрани лица, преку 800 се изјасниле дека и натаму купуваат „ еколошки“ производи и покрај оваа мошне длабока рецесија“, вели Ваисмен.

Сепак, анкетата покажала дека потрошувачите не се секогаш сигурни како купениот производ би и помогнал на средината во која живееме. Едно на секои десет лица рекло дека во изборот помогнало рекламирањето на конкретниот производ, а едно на секои пет лица рекло дека репутацијата што ја ужива производот бил пресудниот елемент при одредувањето на компатибилноста со животната средина. Едно на секои пет лица рекло и дека во изборот помогнал совет од пријателите.

„Грин Сил“ ги сертифицира проиводите и услугите како поволни за животната средина преку нивно испитување од самиот почеток на процесот на создавање, суровини при тоа употребени, транспортот, па до преработка на старите производи.

Ваисмен додава дека стресот на животната средина може да се случи во која било фаза на тој процес. Користењето на хартијата, на пример, има мало влијание на животната средина, но бара големо количество на енергија и ресурси за нејзиното производство.

„Како контраст, електричната светилка има поголемо влијание на животната средина според тоа како ја троши енергијата и начините на кои може да се намали трошењето енергија со употреба на поекономични технологии за осветлување“, вели Ваисмен.

Ваисмен додава дека компаниите често рекламираат дека продаваат рециклиран производ, но може да не споменат дека тој содржи токсични супстанции.

„Грин Сил“ е формирана пред 20 години со главна цел да помогне да се елиминира ваквиот вид на конфузија. Организацијата обезбедува сертификати за еколошки прифатливи производи како средства за чистење, бои, филтри за кафе. Групата испитува и бизниси, како хотели, а од неодамна и ресторани. На компаниите кои ќе ги исполнат критериумите на „Грин Сил“ , им се дозволува да го користат логото на оваа организација кога се рекламираат.

„Грин Сил“ е активна само на американскиот пазар. Другите земји имаат свои програми за ваков вид на сертификати, некои се владини, а зад некои стојат независни организации.

Директорот на „Грин Сил“, Артур Ваисмен вели дека сепак потрошувачите се тие кои имаат моќ економијата да ја направат „зелена“ и тие тоа веќе го прават.

XS
SM
MD
LG