Линкови за пристапност

Канадски научници откриле електронска шпиoнска операција со седиште во Кина


Канадски тим научници велат дека откриле електронска шпиoнска операција со која се раководи од Кина, а која вклучува преку 1.000 комјутери во 103 земји во светот.

Иако овие експерти не можат да потврдат дека во операцијата е вмешана и кинеската влада, целта на комјутерската шпионажа била од политичка природа. Оваа кибернетска шпионска операција се смета за една од најголемите и најсофистицираните откриени досега.

Научниците на Универзитетот во Торонто операцијата ја нарекуваат „Мрежа на духови“ . Тие велат дека целта биле НАТО, амбасадата на Индија во Вашингтон и тибетските центри за егзил во Индија, Брисел и Лондон. Експертите сметаат дека како дополнение на крадење на комјутерските податоци, при кибернетското шпионирање може да се активира внатрешната камера на оддалечен компјутер и разговорите да се слушаат во живо.

Нарт Виленув, од Центарот за меѓународни студии при Универзитетот Торонто, вели дека операцијата е софистицирана, како по организираноста така по обемот, во неа се користени лесно достапни интернет вируси наречени Тројанци, прикачени за електронски пораки за пенетрирање во компјутерската мрежа.

„Од чисто техничка гледна точка, не, операцијата не е софистицирана. Но софистициран е начинот на кој напаѓачот ги употребил овие средства“, вели Виленув.

Тимот научници ја откриле шпионската операција кога тибетскиот лидер во егзил Далај Лама токму од нив побарал да ја проверат безбедноста на комјутерите на неговата организација.

Иако групата не може да потврди дека во операцијата е вмешана кинеската влада, сепак додава дека комјутерите вклучени во шпионските активности речиси ексклузивно биле лоцирани во Кина и дека целта на шпионажата има политичка природа. Тие пронашле инфицирани комјутерите на организацијата на Далај Лама и откриле украдена коресподенција на комјутерски сервери во Кина.

Кинеската влада порекнува секаква вмешаност во операцијата.

Сепак, Џејмс Луис, експерт за технологија од Центарот за стратешки и меѓународни студии во Вашингтон, вели дека кибернетското шпионирање не е новина за кинеската влада.

„Знаеме дека се заинтересирани како влада. Знаеме дека како влада тоа го правеле и порано. Прибираните информациите се од интерес на кинеската влада“, вели овој аналитичар.

Луис додава дека многу земји, вклучувајќи ги САД и Русија, користат комјутерска технологија за да соберат разузнавачки информации.

Тимот научници од Торонто вели дека потребно е да се изготви некаков вид на меѓународен договор за да се заштитат правата за приватност и да се забранат идни операции на кибернетско шпионирање.

XS
SM
MD
LG