Линкови за пристапност

САД се за помирување со некои авганистански милитанти


САД ја поддржуваат авганистанската влада во заложбата да се помири со некои членови на Талебан и ал-Каида.

Американскиот државен секретар Хилари Клинтон вели дека оние кои влегле во редовите на терористичките организации „не заради убедување, туку заради очај" треба да добијат шанса да го отфрлат екстремизмот.

Клинтон зборуваше на почетокот на еднодневната конференција во Хаг, во вторник, велејќи им на претставниците на повеќе од 80 држави и организации дека она што се случува во Авганистан „е важно за сите нас".

Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи исто така се обрати на конференцијата и кажа дека неговата земја е на „критична крстосница".

Тој ја повика меѓународната заедница да помогне да се изградат безбедносните сили на државата, велејќи дека тоа е „најсигурен и најевтин пат за надминување на заканата од тероризам".

Авганистанските соседи Иран, Пакистан и Кина се меѓу учесниците на конференцијата.
Во белешките подготвени за излагањето на конференцијата, иранскиот заменик министер за надворешни работи вели дека неговата држава е „целосно подготвена" да помогне во борбата против трговците со дрога и да игра улога во повторната изградба на Авганистан.

Порано тој го критикуваше присуството на странски трупи на авганистанска почва, велејќи дека тие не можат да донесат мир и стабилност на државата.

Претседателот Карзаи сепак вети дека ќе работи со САД и со меѓународната заедница во борбата против тероризмот, фалејќи ја стратегијата за Авганистан што минатата недела ја изложи американскиот претседател Барак Обама.

Висок холандски претставник во понеделникот кажа дека дека исходот на конференцијата директно ќе се одрази на нивото на трупи и пари потрошени за развојна соработка.

XS
SM
MD
LG