Линкови за пристапност

Документарец-оскаровец помага во отстранување на дефомритети кај децата


Режисерката Меган Мулен минатиот месец доби Оскар за краткометражниот документарен филм „Насмеј се, Пинки“, за девојче во Индија родено со деформитет на горната усна, отстранет со операција. Филмот помогна да се подигне јавната свест дека децата родени со ваков деформитет лесно може да добијат соодветен лекарски третман.

Во една од сцените на документарецот, стотици индиски родители трпеливо чекаат со своите деца пред мала болница во Утар Прадеш, една од најсиромашните сојузни држави во Индија. Децата имаат закажано операција за деформитет на усните, што е чест при раѓање во земјите во развој.

Локалните лекари како д-р Субод извршуваат преку десет вакви операции дневно:

-Има милиони деца со вакви деформитети. Во Индија годишно се раѓаат по 35.000 деца со овој проблем, но повеќето од нив никогаш не добиваат соодветен третман.

Режсиерката Мулен вели дека многу од децата, кои не може да добијат третман по редовен пат, добиваат помош од „Смајл Треин“, непрофитна организација од Њујорк, која работи со донации за да финансира илјадници вакви операции:

-Организацијата лоцира способни лекари во околу 75 земји во развој и ги ангажира за вакви зафати.

Обучувањето на локалните лекари за ваков вид на рутинска операција ги намалува трошоците, така што една операција чини само 250 долари. За децата од сиромашните рурални области, тие се бесплатни.

Постапката започнува со убедување на родителите зошто е потребна операцијата. Ова оттаму што многумина во Индија веруваат дека деформитетите се божја волја. Лекарите, пак, знаат дека чинители може да бидат неправилната исхрана за време на бременоста и генетските аспекти.

Главната хероина во филмот - Пинки има пет години, а режисерката Мулан го следи нејзиниот случај од болница, во операционата сала, па се` до собата за опоравок. Филмот зборува и за трансформацијата на нејзиниот живот преку ваква операција кон посреќно детство.

Пинки во меѓувреме добила образовна стипендија и вели кога ќе порасне - ќе биде лекар.

XS
SM
MD
LG