Линкови за пристапност

Кремљ и натаму со недоверба кон НАТО 


Додека НАТО се подготвува за самитот на 3-ти и 4-ти април во Германија на кој ќе ја одбележи и 60-та годишнина од своето постоење, руската сомничавост за активностите на Алијансата и натаму е голема.Москва не е вознемирена само поради тоа што досегашните проширувања на НАТО опфатија поранешни советски сателити, туку и поради тоа што во наредното би можеле да бидат вклучени и Украина и Грузија, некогашни републики на Советскиот Сојуз, кои сега се граничат со Русија.

На 5-ти март, министрите за надворешни работи на НАТО се согласија да ги обноват врските со Москва, замрзнати по рускиот конфликт со Грузија од минатиот август.Рускиот амбасадор во НАТО Димитри Рогозин, тогаш го поздрави овој чекор.

Па сепак, Русија останува скептична во однос на НАТО.Москва е особено загрижена дека Грузија и Украина може да се придружат на Алијансата.

Кога беше на функцијата претседател, премиерот Владимир Путин се закани дека ќе насочи нуклеарни ракети кон Украина доколку НАТО се обиде да распореди свои проектили во оваа земја.Минатиот јуни, тој се закани и дека ќе ги укине врските со украинските одбрамбени индустрии чија работа во голем дел зависи од договорите со Русија.

За време на обраќањето во Прага, на одбележувањето на 12-та годишнина од приклучувањето на Чешка, Полска и Унгарија во редовите на НАТО, генералниот секретар на Алијансата, Јап де Хуп Шефер истакна дека проширувањето на НАТО и натаму е дел од стратегијата за консолидирање на Европа како неподелива и демократски безбедна средина.

Истовремено, рече Шефер, јасно е дека односите НАТО-Русија се премногу битни за да бидат заглавени во несогласувањата околу проширувањето, системот за противракетна одбрана или пак Косово.

Како и да е, овие прашања се важни за Москва.

Независниот воен аналитичар Павел Фелганхојер ја опишува Русија како авторитарна држава која бара начини за добивање предност преку вршење на притисок врз НАТО и врз САД.Тој додава дека како пример може да послужи заканата за попречување на операциите за набавка во Авгаснистан.

Фелегенхојер вели дека успехот во Авганистан е високо на агендата на надворешната политика на администрацијата на претседателот Барак Обама, додавајќи дека Русите во повеќе погледи го контролираат американскиот пристап до Авганистан.Затоа, додава овој аналитичар, се чини дека Москва може да ги присили САД да направат сериозни отстапки.

Пример за таков притисок е рускиот неодамнешен пакет хуманитарна помош за Киргистан вреден две милијарди долари.На овој чекор се гледа како на главна причина зошто владата во Киргистан реши да ја затвори американската воздухопловна база во земјата.

Истовремено, Москва води интензивна пропагандна кампања против американскиот предлог за инсталирање на систем за противракетна одбрана во Централна Европа, и покрај убедувањата од претседателите Буш и Обама дека тој ќе биде насочен кон Иран, а не кон Русија.

Претседателот Обама стави јасно на знаење дека се залага за подобри односи со Русија, но не по цена на сојузниците на НАТО.

„Реков дека треба да ги обновиме односите.Русија воедно треба да ја разбере нашата непоколеблива определба за независност и безбедност на земјите како Полска или Чешката Република. Од друга страна, постојат и области од заеднички интерес“, истакна американскиот претседател.

Високи американски, руски и претставници на НАТО индицираат дека сите страни можат да соработуваат по прашањата од заеднички интерес, како спречување на ширењето на нуклеарното оружје, меѓународниот тероризам, пиратеријата и шверцот со дрога.

XS
SM
MD
LG